Вести Изјави Македонија Топ теми Ударни вести

Спасовски за потрагата по малолетничката: Вклучени се неколку стотини полициски служебници, работиме заедно со семејството

Сподели:

 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска, по работната посета на СВР Скопје, одговори на новинарско прашање за мерките и активностите кои овој сектор ги презема како дел од потрагата по исчезнатата малолетничка.

„Ова е, секако, најважниот приоритет за СВР Скопје. Има формирано посебен Штаб, којшто работи во Секторот и работи заедно со родителите, односно со семејството и со познаниците, пријателите, соучениците итн. на исчезнатото девојче. Секојдневно се преземаат низа на активности, вклучени се неколку стотини полициски служебници кои исклучиво работат на оваа проблематика, предводено пред сѐ од началникот на Секторот за внатрешни работи, од помошниците началници, значи целото раководство на Секторот е насочено кон оваа активност. Преземаме опсежни мерки“, одговори министерот Спасовски, додавајќи дека не може да зборува за детали околу текот на потрагата и добиените податоци, но може да каже дека се ставени во функција сите можни капацитети за јавна безбедност.

 

„Преку 50 камери, односно места во коишто имало камери се преземени и прегледани. Целосно е во функција системот ‘Сејф сити’ во кој што, исто така, се преземаат низа мерки,  сите податоци коишто се од телеком-операторите кои, исто така, може да бидат важни. Десетици лица се сослушани и од кои се земени податоци и информации за да може да се добијат некакви информации во однос на целиот овој настан. Преземени се електронски уреди од семејството и од девојчето коишто се вештачат, еден дел се земени податоци, веќе имаме одредени податоци од овие електронски уреди, коишто исто така, може да бидат од корист на истрагата и целата постапка. Секојдневно сме во комуникација или работиме заедно со родителите и со семејството. Така да, целиот овој тим работи до доцна наутро во ноќта, сите овие деновите коишто ги имавме. Се пребаруваше и речното корито на Вардар, се пребаруваа и сите подрумски простории, не само во околината, туку и малку пошироко, се работеше на пребарување, односно добивање податоци и информации од црквите, манастирите коишто се во близина на Скопје“, ги сподели министерот Спасовски со присутните новинари деталите околу преземените досегашни интензивни мерки како дел од потрагата по малолетничката, која ќе продолжи со несмален интензитет.

„Јас им благодарам на сите… на сите граѓани коишто помагаат и се обидуваат да дадат некоја корисна информација. Посебно благодарам на сите вас, медиумите и медиумските работници, коишто објективно ја информирате јавноста и практично заеднички се бориме против сите оние лажни вести коишто се шират во медиумите, на Фејсбук итн., заради сензација некаква, или не знам заради што друго. Морам да кажам дека сите тие профили кои објавуваат било какви лажни вести се детектираат и сите тие ќе бидат, а дел се повикани во полициска станица. Таму каде што ќе се утврди дека ја загрозуваат безбедност, односно истрагата, и придонесуваат притоа да имаме сериозна штета во јавноста, ќе се преземаат мерки заедно со Јавниот обвинител“, укажа министерот Спасовски, со објаснување дека темата е исклучително деликатна и бара максимална посветеност во добивање на резултат од она што полицијата го работи, а медиумите ќе бидат редовно информирани за сите активности коишто се преземаат и што е тоа што во конкретниот момент се прави. 

Сподели: