Споменикот на Горан Стефановски ќе биде поставен во неговото Дебар Маало

Сподели

 

Во чест на починатиот писател, режисер, сценарист, драматург и еден од најзначајните ликови во македонската култура, Горан Стефановски, Општина Центар заедно со семејството на Стефановски во неговото Дебар Маало наскоро ќе  постават споменик.

Симболичниот споменик, е веќе излеан, се наоѓа во Лондон, Велика Британија и ќе биде поставен во паркчето кое се наоѓа спроти бараките на општината, веднаш до чинарот, кој минатата година на роденденот на Стефановски, 27. април, беше засаден во знак на сеќавање на доајенот на македонската литература.

Одбележувањето на роденденот на Горан Стефановски е дел од програмата за култура на Општина Центар и со исклучок на оваа година, кога целиот свет се соочува со пандемијата на коронавирусот, општината секоја година во Дебар Маало ќе го одбележува со пригоден настан.

Од неодамна функционира и Здружението на граѓани за зачувување и промоција на културното наследство на Горан Стефановски, чија цел е неговиот опус во секое време да биде достапен на граѓаните за подобро запознавање со неговите дела и промоција на сето она што значеше Горан за македонската културна сцена.

Роден во Битола, на 27-ми април 1952-ра година, Горан Стефановски беше еден од најпознатите и признати македонски академици, писатели, професори и драматурзи. Беше автор на многу текстови и драми, меѓу кои и “Јане Задрогаз“, “Диво месо“, “Лет во место“, “Хај-Фај“, “Дупло дно“, “Тетовирани души“, “Црна дупка“, “Демонот од Дебар Маало“ и на детската ТВ-серија, “Бушава азбука“.