Алтернатива Настани

Спортувај со Град Скопје – 7 спортски инструктори со вежби за граѓаните

Сподели:

 

Од 13 мај до денеска, седум добро познати инструктори во различни домени на спортот за граѓаните понудија онлајн видеа со вежби за одржување на телесната форма за време на вонредните услови што ги налага пандемијата од корона вирусот. Секој ден во 19 часот на фејсбук страницата на Град Скопје премиерно се објавува видео со вежби, со претходна најава во текот на денот. За оние што повеќе сакаат да вежбаат наутро, вечерното видео се репризира наредниот ден, во утринските часови. Досега, видеата со вежби за одржување на телесната форма имаа околу 30.000 прегледи.

На фејсбук страницата на Град Скопје досега се објавени 6 видеа со вежби, а за граѓаните своите стручни совети ги понудија спортските инструктори Даниел Трбогазов, фитнес тренер од фитнес студиото „Мој тренер“; Елена Бубало Михајловска – фитнер инструкторка и Атанас Михајловски – крос фит тренер за Ultimate Fit Alebras; Ивана Каратукова, инструкторка за пауер пилатес од Power House Pilates; Искра Србиновска – јога инструкторка од The Yoga Place; Дрита Исљами – олимписка атлетичарка и Кристијан Кајчевски – кондициски тренер од Elite Sport Academy. Овие спортски инструктори своите вежби ги изведуваа во уредено студио приспособено  на домашните услови.

Денеска и утре ќе бидат објавени видеата со вежби и на инструкторките – Бисера Станкова Ковачевска, пилатес вежби и Кети Матеничарска Накова, класичен аеробик. Тие своите предлог-вежби ќе ги изведуваат на отворено.

Во текот на наредните денови, деветте спортски инструктори ќе понудат нови серии вежби.

Градот Скопје во соработка со тим еминентни и добро познати инструктори во различни домени на спортот за граѓаните подготвија онлајн видеа со различни типови вежбање, односно по неколку серии фитнес-кросфит, пилатес и пауер пилатес, аеробик, ултимејт фит, кондициски вежби, вежби за атлетика и јога. Во изминатиов период Градот Скопје адаптираше дел од Програмата за спорт за 2020 година со цел на граѓаните да им се понуди стручно одржување на формата и здравиот начин на живот додека се дома, односно додека се затворени теретаните, фитнес студијата и спортските сали.

Сподели: