“Спротиилинденска вечер на улица Самоилова” во рамките на ЛУНУС

Сподели

 

Алтернативната институција, „Култура 365“, во рамките на ЛУНУС (Летни уметнички ноќи на улица Самоилова), по повод празникот, организираше пригодна Спротиилинденска вечер на улица Самоилова, насловена „Спроти Илинден“, според истоимената песна на Мите Богоески.

Вечерта започна со интерпретација на писмото на Христо Узунов до мајка му, во изведба на Исидора Костоска, а продолжи со „Слово за Илинденците од улица Самоилова, но и од други охридски и македонски улици“ на авторот,професор д-р Димитар Пандев.

Професорот Пандев спомена повеќе Илинденци од улицата Самоилова и ја воспостави врската помеѓу оваа улица и други улици во Варош и Месокастро, обединети според нивната илинденска определба како и врската помеѓу Охрид и други македонски градови што ги обединува илинденската идеја.

Во своето вдахновено послание, Пандев потсети на професорите Блаже Конески и Гане Тодоровски.

-Мислата што Гане ја презеде од Блаже, за нашата опстојност – јазична, културна и национална, ја разви на ранг на апотеоза вградена во теоријата за македонската национална самобитност: Прличевци прераснаа во Делчевци, рече Пандев.

Од оваа улица, продолжи Пандев,  е Христо Узунов, чија ќерка била мажена у Прличевци, за Григора, а заедно со во него  вљубената Депа Каваева, ја испеале „Хилјада и седим стотин шестдесет и второ лето“. Кукушкиот учител Кузман Шапкарев, роден во варошкото маало свети Врачи, а живеел и Месокастро, близу до поп Симовци, у чија куќа ќе се мажи ќерката на Прличев, Деспина. Таа,пак, на Блаже Конески и Харалампие Поленаковиќ, од првата генерација македонисти, ќе им ги пее песните што најмногу ги љубел Прличев, а Шапкарев му ги запишал.

 

-Сеедно, во кукушката гимназија учел и Гоце Делчев, кому неговиот Дојрано-кукушанец Полјански ќе му посвети шест тома биографија. Одблизум, од оваа улица и сам Прличев ќе тргне во Солун и ќе се сретне со Темко Попов, во една од двете солунски гимназии во кои учеле Македончињата, меѓу нив и охриѓанчиња  од истава оваа улица, токму во она време кога Попов ќе му напише на крушевчанецот Деспот Баџовиќ: И сам господ Исус Христос да слезит од небоно не ќе можит да му кажит на Македонецот оти е Србин или Блгарин.

Истиот тој Темко, кој инаку е од оваа улица, потсети Пандев, со Коста Групче од истата оваа улица ќе го основаат во Солун Тајниот македонски комитет, претходницата на ВМРО, а повеќето од револуционерите произлегуваат од солунската гимназија. Повеќето од нив ќе ја основаат Младата македонска литературна дружина со органот „Лоза“. Во солунската гимназија учи и Крсте Мисирков кој, идеите на македонистите, ќе пренесе низ руските универзитети.

 

-Идеите на Мисирков заедно со идеите на Делчев ќе бидат предизвик и за македонскиот литературен кружок од Софија, чиј член е и Димитар Митрев, син на илинденецот Атанас Митрев, кој едно време живеел во Охрид, а потекнувал од блиската околина на Охрид. А Митрев, блискиот другар на Вапцаров, кој напиша песна насловена „Илинденска“, со Блаже Конески ќе го основаат  Друштвото на писателите на Македонија, заедно со нив е и Иван Точко од истата оваа улица, додека Конески на илинденците ќе им ги посвети „Илинденски мелодии“, кои ќе ги напише заедно со песната „Охрид“, која ја пишува при првата негова посета на Охрид, кога престојувал во вилата на Демостен, во близина на Плаошник.

Според професорот Панде, Конески ќе ја долови историската врска меѓу Охрид и Кукуш, меѓу Прличев и Делчев, меѓу македонската црковно-народна борба зародена во Охрид и идеите на ВМРО,  меѓу Карпошовото и Илинденското востание.

-Од ова а улица е и Филип Каваев, со завршена пеќска богословија, по ослободувањето ќе запише македонски јазик и литература и ќе му биде студент на Блаже Конески, а негов ученик во битолската гимназија ќе му биде Петре М. Андреевски, сопрво охридски, т.е велгошки зет, од кај што им е лозата и на Кузмана Шапкарев и на Живка Чинга. Зборуваме за истиот Петре што потем смртта на Конески ќе рече „да даде господ на секои сто години да ни се раѓа по еден Конески“, беседеше професор Пандев.

Сѐ е во поддршката.

-Нам ни останува да поддржиме голем дел од идеите зародени на оваа улица, меѓу Долна Порта и Долни Сарај, улица која денес го носи името Самоилова…  Исто како што ученикот охридски Војдан Чернодрински ќе му биде морална поткрепа на востанието, заврши професор Пандев.

Во продолжение на настанот присутните македонски поети рецитираа песни посветени на Илинден од современите македонски поети: Блаже Конески, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Јован Котески, Љубен Ташкоски, Никола Јонков Вапцаров, Ангел Жаров, Мите Богоевски, Тодор Чаловски, Славе Ѓорѓо Димоски, Илко Димитриески и други поети.

Посебна убавина на настанот му даде рециталот на актерот Ивица Цонев, како и изложбата на ретки фотографии од Илинденското востание.

Беше тоа редок културно-историски настан,организиран од алтернативна институција. Настан, кој потсети на славното минато, на славата и врските помегу Охрид и Кукуш, двата расадници на револуционери, илинденци, културни дејци и просветители

Помалку е познато дека на Илинден, на.20 јули по стар стил 1886, во куќата на Климент В. Заров, веднаш по влезот во Горна Порта во Охрид е формиран Охридскиот таен револуционерен кружок. Негови членови биле: Климент Заров, Антон Кецкаров, Климент Шуканов, Иван Лимончев, Климент Малезанов, Никола Чудов, Јаким Деребанов и Анастас и Христо Маџарови.

Пред евангелие, крст и сабја, еден по еден, ја дале следната заклетва: “Се заколнувам во името на Бога, Свети Климент, народот и во се’ најмило, дека од денес натаму ќе работам со сите свои сили за нашиот народ преку просвета и терористички. Ако ја изневерам заклетвата да бидам убиен од моите другари”.

Според начинот на земање на заклетвата и според програмската определба за ослободување на Македонија и Одринско, Охридскиот таен револуционерен кружок се јавува како прототип на ВМОРО, организација во која сите горенаведени личности, подоцна ќе станат активни членови.

Веле Митаноски