Средба на претседателот Гаши со хрватскиот премиер Пленковиќ

Сподели:

За време на официјалната посета на Република Хрватска, претседателот на Собранието г. Африм Гаши, во придружба на претседателката на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Хрватска, Благица Ласовска, и членовите на Групата, Димитар Ковачевски, Каљтрина Беќири и Сали Мурати, се сретна со претседателот на Владата на Република Хрватска, г. Андреј Пленковиќ.

Средбата беше оценета како потврда на блиските и пријателски односи меѓу двете држави, при што беше истакнато дека Хрватска претставува значаен партнер со кој се споделуваат заеднички европски вредности и заложби за европската иднина на регионот.

Претседателот Гаши информираше дека Предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на РС Македонија и Република Хрватска за стратешка соработка беше разгледан и усвоен од Комисијата за надворешна политика на 10 ноември, а веќе е предвиден на дневниот ред на пленарната седница закажана за 1 декември, кога се очекува негово донесување.

Во тој контекст, беше оценето дека Договорот претставува основа за унапредување на билатералните односи и продлабочување на партнерството меѓу двете држави, преку воспоставување конкретни форми на соработка во областите на транспортот, енергетиката, економијата, дигитализацијата, здравството, образованието и безбедноста. Исто така, беше истакнато дека Договорот отвора можности за размена на искуства и знаења, при што особено значење беше дадено на користењето на хрватското искуство во областа на европската интеграција и институционалните реформи, како и на можностите за унапредување на економската соработка.

Претседателот Гаши изрази благодарност за континуираната и принципиелна поддршка од Република Хрватска за европската перспектива на РС Македонија. Притоа, беше посочено дека хрватското искуство во спроведувањето на реформите и во процесот на пристапување кон Европската Унија претставува значаен извор на знаење и искуства, од особена важност за натамошниот напредок на државата во европската интеграција.

Соговорниците ги поздравија и активностите на двете на амбасади насочени кон унапредување на билатералната соработка и тоа на амбасадата на РС Македонија во Загреб предводена од амабасадорот Драган Ѓурчевски како и на амбасадата на Република Хрватска во Скопје на чело со амбасадорката Нивес Тигањ. Двајцата амбасадори беа во постојана придружба во текот на официјалната посета.

фото Собрание на РСМ

Сподели: