Средба на претседателот Пендаровски со Стопанската комора на Македонија

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Стопанската комора на Македонија оствари работна средба со претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, потпретседателите и членовите на Управниот одбор на Комората.

 

 

Претседателот Пендаровски посочи дека историски битен факт за нашата држава е тоа што сме на самиот праг за зачленување во НАТО Алијансата.

 

 

„Јас не се согласувам дека станува збор само за организација која се грижи за безбедноста. Не постои ниту една држава со добра економија, која не е членка на НАТО и не е асоцирана во поголемите организации од овој тип, особено не во Европа. И оние земји кои не се формално членки на ЕУ, како што е Швајцарија, се дел од европскиот заеднички пазар со серија потпишани договори. НАТО е значаен и очекуваме до крајот на годинава, или најдоцна во првиот месец од наредната година, да го заокружиме членството и да бидеме полноправна членка“, рече претседателот Пендаровски.

 „На немирниот Балкан е важно да сте член на НАТО Алијансата, бидејќи со влегување под безбедносниот чадор добиваме висока безбедносна гаранција, што е битно за водењето на бизнис“, истакна Претседателот. Тој укажа дека во 35-те тима кои ќе го водат процесот на ЕУ интеграција мора да се вклучат и претставници од реалниот бизнис.

На средбата, претседателот Пендаровски најави дека при крајот на наредната недела ќе биде пополнето советничкото место за економски прашања во неговиот Кабинет, а за потпишувањето на укази на закони од оваа област, рече дека нема да дозволи само да ги потпишува, туку при подготовката на законските решенија ќе инсистира и на вклученост на бизнис заедницата.

 

Претседателот Пендаровски рече дека освен дипломатската компонента, на неговите меѓународни посети ќе биде застапен и економскиот аспект.

 „За сите меѓународни посети бизнис заедницата ќе биде навремено информирана, додека Кабинетот ќе има постојани контакти и соработка, за да можат да се пренесат нивните ставови, што ќе подразбира подобрување на економските релации“, истакна претседателот Пендаровски.

 Претседателот порача дека во дипломатско-конзуларните претставништва е потребен и добар персонален состав и тим што се разбира во реална економија.

 „Во дипломатскиот кадар мора да праќаме поинакви профили, личности коишто се и економски едуцирани. Од самиот почеток јас ќе имам јасен став за сите битни прашања во државата, без разлика дали се од моја надлежност или не“, рече Претседателот.

Претседателот Пендаровски најави дека ќе оствари средби и со другите стопански комори во Република Северна Македонија.