Тошковски: Конечно после 30 години од последниот упис, ќе имаме нова генерација на идни полициски службеници со Средно полициско училиште
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ја посети Полициската академија, каде што официјално започна наставата за 310 ученици од првата генерација на обновеното Средно полициско училиште „7 Мај“.

Министерот свечено им ги врачи договорите за школување на првите десет кандидати и им посака успешен почеток на образовниот процес, нагласувајќи дека денешниот ден претставува значаен момент за Министерството за внатрешни работи и за иднината на македонската полиција.
„Сигурен сум дека за две години отсега, со посветена и макотрпна работа, со трудот којшто ќе биде даден и од страна на професорите и од страна на менторите и од страна на сите оние едукатори коишто ќе бидат вклучени во процесот, а најмногу од страна на учениците, ќе можеме да се гордееме со нова бројка на полициски службеници коишто имаат завршено Средно полициско училиште“, рече Тошковски.
Министерот упати благодарност до сите кои во изминатиот период беа вклучени во процесот за повторно воспоставување на Средното полициско училиште.
„Огромна благодарност уште еднаш до сите оние коишто макотрпно работеа во изминативе две години денеска да го дочекаме овој ден после 30 години во Македонија, повторно да имаме државно Средно полициско училиште“, порача Тошковски.


