Вести Македонија

Ставот на Груевски различен од ставот на германската амбасада во Македонија

Сподели:

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски заедно со членовите на Извршниот комитет Никола Попоски, Никола Тодоров и секретарот за меѓународна соработка Александар Николоски остварил средба со Кристине Алтхаузер амбасадор на Сојузна Република Германија во Република Македонија.
На средбата Груевски посочил дека требало да се одржат брзи избори, а амбасадорката дека е правилно мандатот да го добие СДСМ. Груевски ја прашал дали е тоа нејзина сугестија, таа му одговорила дека е тоа ставот на Берлин. Следува интегралното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

„Германската амбасадорка истакна дека интересот на Германија за актуелните случувања по изборите во Македонија е многу голем, интересирајќи се дали има нешто ново на тој план.
Претседателот Груевски посочи дека живееме во време кога работите се јавни и нема што повеќе да додаде од она што е веќе јавно објавено. ВМРО-ДПМНЕ како партија која освои најголем број на гласови и мандати во Парламентот пристапи кон формирање на коалиција со ДУИ која како што е познато не беше договорена. Она што се очекува е одлуката на Претседателот Иванов, по што ВМРО-ДПМНЕ ќе се прилагоди на таквата одлука, истакна Груевски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски посочи дека ситуацијата е зрела за брзи избори, бидејќи во моменталната ситуација кој и да формира Влада ќе има потешкотии во функционирањето на парламентот и Владата поради тесното мнозинство, при што брзи избори се најдоброто решение. Тој истакна дека во однос на тезата која постои дека не треба да се губи време, посочи дека се согласува дека Македонија нема многу време за чекање и во ваква ситуација со актуелниот распоред на силите во Парламентот што не гарантира стабилност може да поминат една или 2 години, па затоа е подобро да се загубат 2 месеци за нови избори отколку неколку месеци или години.

Германската амбасадорка Алтхаузер изрази изненадување зошто се бараат брзи избори. Она што е потребно е да се даде мандатот на втората по големина партија во Македонија, на што Груевски запраша дали тоа е нејзина сугестија, по што германската амбасадорка се изјасни дека тоа е онака како што во моментот се гледа во Берлин.

Груевски притоа истакна дека со разговорите за коалицирање со ДУИ ни се потврди сомнежот кој го имавме дека таква една Влада со таков распоред на сили во парламентот тешко ќе функционира и сега сме поубедени во тоа. Изрази жалење што некои партии имаат страв од избори, но ВМРО-ДПМНЕ нема таков страв од соочување со граѓаните и дека има многу примери во светот од такви брзи избори.

Груевски додаде дека веќе има искуство од функционирање на таква Влада која опстојуваше со тесно мнозинство во парламентот, еднаш како министер во Владата на Георгиевски втор пат како предводник на владата од 2006-та до 2008ма година, каде парламентот беше заглавен со 150 недонесени закони. Во однос на доделување на мандатот Груевски посочи дека по одржаните избори тој треба да се додели на победничката партија како што стои во Уставот, а по истекот на 20-те дена конечната одлука за поинакво одлучување е работа на Претседателот на државата.
Груевски истакна дека ако е така напишано во Уставот, тогаш не би имале против друг да го добие мандатот.

Германската амбасадорка Алтхаузер посочи дека се чини на изборите имавме двајца победници и двете страни славеа, запрашувајќи зошто да нема втор обид за составување на Влада?
Груевски околу ставот за тоа кој е победник на изборите посочи дека малку се релативирзира од страна на амбасадорката додавајќи дека победник е оној кој освоил најмногу гласови и пратеници, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ, по што се согласи германската амбасадорка дека е точно дека победник е партијата со најголем број на гласови и пратеници. Другите партии може да слават, и тоа не е забрането, но и дека истите тие имаат историја да ги слават своите порази, посочи Груевски.

Околу вториот обид за составување на Влада Груевски посочи дека не е на ВМРО-ДПМНЕ да каже дали ќе има втор обид, она што може да се каже како партиски став е дека ВМРО-ДПМНЕ е за брзи избори, но не и да толкуваме нешто што веќе го има или го нема во Уставот.

Никола Попоски изрази сугестија со која почитувајќи ја улогата на Европската Унија укажа да не се остава впечаток на преголемо мешање на странските фактори кај тие кои што носат одлуки во име на граѓаните со цел да не се вратиме на впечатокот дека друг ги носи одлуките и има големо влијание, бидејќи на крајот и перцпецијата е важна работа, работејќи на зацртаната наша стратешка цел членство во ЕУ и НАТО. Тој посочи дека граѓаните кажуваат кои да ги носи одлуките и треба да се остави тие да продолжат да одлучуваат за сите важни прашања.

Германската амбасадорка посочи дека заеднички сме сложни дека целта е ЕУ и НАТО и дека се преставува Европската Унија и на тоа не треба да се гледа како на мешање. Таа посочи дека патот кон ЕУ е тесен и дека заеднички се ангажирани кон преставување на Европската Унија сакајќи да помогнат.

Груевски изрази благодарност за тоа, посочувајќи дека перцепцијата во последните 2 години е дека сето тоа е повеќе од преставување. Ги поминува границите на преставување, изјави Груевски.
Соговорниците на крајот изразија согласност за понатамошна соработка во сферите од заеднички интерес“ соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Сподели: