Стендап комичарот Владислав Илиќ со свој настап на BBC TV во Лондон

Сподели

 

 

Владислав Илиќ е млад Кумановец кој пред извесно време се пресели во Лондон да работи во полето на стенд-ап комедија.

 

 

Македонската јавност преку продукцијата за стенд-ап комедија Златен Заб во мај месец годинава имаше можност да го проследи во живо неговото гостување на Тв екраните директно од Лондон, Англија на една од нашите национални Телевизии (Алфа).

Со стенд-ап комедијата се запознава на Малта каде што и го започнал интересот кон овој тип на комедија, а пред тоа работел како актер – аматер во драмските кругови во Куманово.

Патувањето за да стане професионален комичар во Лондон започнува во Јануари 2018-та година, а веќе во декември 2019та, Владислав е забележан од поголеми клубски промотери, ТВ продуценти и талент агенции.

 

 

Досега има освоено повеќе важни награди во комичарскиот круг на клубови во Лондон како што се: победник на месечното шоу во светски познатиот клуб “Комеди Стор“ каде што публиката може да го избрка од сцена артистот доколку не им се допаѓа неговиот хумор и е добитник на наградата “Комичар на годината“ во Пикадили Комеди Клуб, награда за која се избори помеѓу седумстотини учесници.

По две години настапување, Владислав или Влад како што е попознат таму, добива шанса да настапува пред жири од талент агенти и потпишува три годишен договор со добро познатата “Блу Бук Артист Менаџмент“агенција.

Вели дека не се ограничува во она што го зборува и дека она што му е нему најважно е да зборува за она што му е близу до срцето. “Стенд-ап сцената во Лондон е огромна, работите се менуваат брзо и дисциплината и работливоста се најголемите фактори во успехот во ова поле. Талентот самиот по себе е само десет проценти од севкупниот труд. Сретнав многу талентирани луѓе кои никогаш не стигнаа никаде поради тоа што не продолжија да вложуваат во себе” – вели тој.

Владислав денес (26.10.2020) допатува и до својот прв настап на ТВ. Настапот е достапен на платформата ББС Ај-Плејер низ Обединетото Кралство цела година. Денес ќе биде емитуван на ББС Еден – најгледаниот канал во Англија, а е сниман неодамна во Маргејт, во студио на паркот Дрим-Ленд, во култен дел од градот.

Настапот е дел од серијата “Stand Up For Live Comedy“ – проект на ББС Три – кој ги бара најновите неоткриени таленти и им дава шанса да настапат на нивната платформа.

Поканата ја добил од комисискиот тим на ББС Комеди кои биле импресионари од еден негов настап во декември минатата година на кој тие присуствувале.

Форматот на шоуто е составен од четири лица – добро познатата ТВ презентерка Кири Причард – Меклин која го води шоуто и тројца млади комичари – Прија Хол, Влад Илиќ и Џони Пелам.

“Се на се – од ББС бараа да имаме спремно петнаесетина минути материјал, а од кои за на телевизија најмногу би одвоиле седум минути”. -рече Влад и продолжи – “Материјалот подготвен за настапот помина низ неколку раце – продукцискиот, адвокатскиот и едиторскиот тим на ББС. Секако, верувам дека мојот материјал е пријатен за пошироката публика и ми дозволија да настапувам со оригиналниот текст, со само неколку мали промени. На денот на снимањето, сите седишта беа распродадени, а самиот настап имаше свечен амбиент. Големите светла и камерите ми создаваа трема, но за среќа си носев мала футрола со ракија, па нервозата исчезна. Иако бев на сцената скоро дваесет минути, за мене тоа беше како една голема секунда. Верувам дека настапот помина добро и подоцнежните реакции беа доста позитивни. Би сакал да додадам уште нешто, но се опуштив многу со ракијата по настапот и заборавив”.-во свој препознатлив комичен стил одговара Владислав.

“Она што можам да кажам е дека за ваквиот момент сонував уште многу одамна и не очекував дека вака набрзина ќе се случат работите – искрено сум им благодарен на сите дома и тука што ме подржуваа низ овој период, а се надевам дека ќе имам шанса да одржам каква-таква турнеја во Македонија  кога ќе се подобрат околностите. Стенд-ап комедијата ми е врежана во срцето и слепо верувам во идејата и пораката да им подарам насмевка на луѓето кои бараат олеснување од секојдневните грижи. Во тоа ништо нема да ме сопре, а со оглед на тоа дека допрва започнувам, верувам дека ќе имам многу пријатни средби со безброј публики како во Британија, така и во мојата мила татковина”. Следно од Владислав Илиќ заедно со продукцијата Златен Заб ќе биде неговиот онлајн стенд-ап настап за македонската публика.