„Stolen moments“ изложба на фотографии од Виктор Соколовски

Сподели

 

„Stolen moments“ изложба на фотографии од Виктор Соколовски, 25 април, 20 часот, Салон Империјал 2
 
Фотографот Виктор Соколовски ќе ѝ се претстави на публиката со деветтата самостојна изложба на фотографии, од 25 април до 4 мај, во салата Империјал 2, во Културно-информативниот центар. На оваа изложба се претставува со серија портретни фотографии од концерти.
 
Соколовски е пасиониран љубител на музиката и фотограф што со децении фотографира на „Скопскиот џез-фестивал“, „ОФФест“ и на слични музички и културни манифестации во земјава и регионот. Станува збор за огромен број фотографии – најчесто портрети на музичари, направени за време на концертите на кои присуствувал како гледач, но и како фотограф дописник, за еден од најреномираните портали за култура во регионот – SEECULT од Белград.
 
Соколовски е инаку магистер по геодезија а со фотографија се „заразува“ во детството, на курсевите организирани од Народна техника. Пред публиката првпат самостојно се претставил во Скопје, во 2007 година, во винотеката „Темов“, каде што изложил 200 фотографии, претежно портрети на музичари и гости направени за време на „свирки“ во овој своевремено култен ноќен клуб. Потем, на двапати изложувал во Франција, во Каен и Ифс, каде што ја понудил својата колекција на фотографии снимени во старата скопска чаршија. Во рамките на програмата „Македонија без дискриминација“ во 2009 година ја освои специјалната награда на жирито за најдобра фотоприказна, на темата „Еднакви можности и (НЕ) дискриминација“, а две години подоцна на „Млад отворен театар“ (МОТ) се претстави со изложбата „Три“, со фотографии од три претстави одиграни на три различни сцени во една иста ноќ снимени на претходното издание на оваа значајна културна манифестација. Истата колекција, по покана од организаторот, следната година беше претставена на фестивалот „Бош“ во Гевгелија. На Деновите на македонска фотографија што се одржаа во Охрид во 2021 година, а чиј традиционален организатор е Фотосојузот на Македонија, за колекцијата насловена „Генеза“, уметникот ја освои третата награда во оваа категорија.
 
Во 2021 година во Кинотека на Република Македонија, се претставува со колекција фотографии под името „Претстава“, направени на разни театарски сцени. Истата колекција ја изложува на 11.10.2021 година во Подгорица, под покровителство на КИЦ-Подгорица и Амбасадата на РМ, како и во 2022 година. во фоајето на НТ Битола, во рамките на фестивалот за филмска камера Браќа Манаки.
 
Изложбата ќе биде отворена до 4.5.2023 година.