Сулејмани: Природонаучниот музеј е чувар на природното богатство и ризница на знаењето

Сподели:

Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, присуствуваше на Свечената академија по повод одбележувањето на 100-годишнината од основањето на Природонаучниот музеј – Скопје, што се одржа во Македонскиот народен театар.

Осврнувајќи се на значењето на оваа институција, Сулејмани истакна дека Музејот веќе еден век има важна улога во проучувањето, зачувувањето и презентацијата на природното богатство на државата, како и во унапредувањето на знаењето и свеста за значењето на природата.

„Сто години постоење на институција, која истовремено е чувар на нашата природа, лабораторија на знаењето и простор во кој генерации млади луѓе ја откривале сложеноста и убавината на живиот свет околу себе“, истакна министерот.

Тој потсети дека Природонаучниот музеј е основан во 1926 година, на иницијатива од д-р Станко Караман, и претставува најстара биолошка установа во државава. Во текот на еден век, низ општествени промени и технолошки напредок, Музејот останал доследен на својата мисија – да го собира, да го проучува, да го чува и да го претставува природното богатство на земјава.

Според Сулејмани, Музејот е и значаен образовен простор, во кој децата и младите го откриваат биодиверзитетот, се поттикнува научната љубопитност и се гради свеста за потребата од зачувување на природата.

„Во време кога биодиверзитетот е под постојани предизвици, значењето на една ваква институција станува уште поважно. Министерството за култура и туризам ја препознава нејзината улога и затоа континуирано ја поддржува, а таа поддршка ќе продолжи и во иднина. Силно веруваме дека културното и природното наследство не се одделни сфери. Тие се две страни на истиот идентитет. Затоа вложуваме во модернизација, во дигитализација, во пристапност и во нови форми на презентација, за Музејот да остане жив, привлечен и релевантен и во вториот век од своето постоење“, додаде Сулејмани.

Тој истакна дека стогодишниот јубилеј е потврда за значајниот придонес на Музејот во науката и образованието, но и поттик за неговиот натамошен развој. Притоа, упати благодарност до вработените и до сите соработници кои низ годините придонесувале за развојот на институцијата, нагласувајќи дека Министерството за култура и туризам ќе продолжи да ги поддржува нејзината работа и нејзиниот развој.

На Свечената академија се обрати и директорот на Природонаучниот музеј – Скопје, Ивица Заркадов, кој истакна дека развојот на институцијата е резултат на посветеноста на генерации кустоси и научници кои истражувале на терен, ги создавале и ги обработувале збирките, објавувале научни трудови и го пренесувале знаењето на новите генерации.

„Го граделе препараторите, лаборантите, техничкиот и административниот кадар и сите вработени кои со својата секојдневна работа овозможувале Музејот да опстане и да се развива“, истакна Заркадов, посочувајќи дека најголемото богатство на Музејот не се само колекциите, туку и луѓето што ги создале и ги чувале.

Во рамките на свеченоста беа доделени плакети на соработници, институции и компании кои дале значаен придонес во развојот на Природонаучниот музеј – Скопје.

Сподели: