Алтернатива Настани

Kонкурс за графичко решение/дизајн – Ремиксувај го говорот на омраза

Сподели:

Изразете ја својата креативност и учествувајте во конкурсот за графичко решение/дизајн за визуелна порака против говорот на омраза. Конкурсот е отворен во рамките на проектот „Ремиксувај го говорот на омраза“ и предвидува награди: Прва награда 12.000 денари, втора награда 9.000 денари, трета награда 6.000 денари и пет почесни награди. Сите осум добитници ќе добијат по две книги од издаваштвото на АКСИОМА.

Што треба да направите?
– Употребете ја вашата креативност и креирајте графичко решение или дизајн за визуелна порака против говорот на омраза
– Можете да користите визуелни медиуми по ваш избор: фотографија, колаж, графички дизајн, цртеж, дигитален цртеж…
– Финалното графичко решение форматирајте го во дигитална форма преку скенирање или фотографирање, во pdf формат со 300 dpi
– Апликацијата пратете ја најдоцна до 31 мај 2019 на aksiomango@gmail.com со наслов (subject): „За конкурсот ВО БОРБА ПРОТИВ ГОВОРОТ НА ОМРАЗА“, во телото на пораката напишете ги вашите лични информации (име, презиме, контакт е-маил адреса, и телефон) и кратка биографија за вас (не повеќе од половина страна). Најдоцна за 24 часа ќе добиете потврдна порака од Аксиома дека вашата апликација е примена.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ: Говорот на омраза е говор или израз чија намера е да деградира, вознемири или предизвика насилство кон лица врз основа на нивната припадност кон одредена група, како што се етничка припадност, расна припадност, религија, сексуална ориентација, или друга особина. Целта на нашиот конкурс е да ги мотивираме и мобилизираме младите во борбата против говорот на омраза. Графичките решенија на креативен начин треба да придонесат кон една поширока мобилизација во борбата против говорот на омраза. Ги охрабруваме младите и креативни лица да придонесат со своја критика кон говорот на омраза. Учесниците ја имаат целосната креативна слобода дали ќе креираат постери со пораки, кратки стрипови, меми или друг вид на графичко решение. Добиените решенија ќе бидат оценувани од стручна 5-члена комисија составена од уметници, критичари на уметноста и професори.

Конкурсот е дел од проектот „Ремиксувај го говорот на омраза“ подржан од Министерството за култура на Р.С. Македонија во изведба на АКСИОМА – Асоцијација за културна соработка и истражување – Скопје. Наградите ќе бидат врачени на јавниот настан – дебата која ќе биде организирана во Куно Култура – Скопје за што дополнително ќе ја известиме јавноста.

Сподели: