Светска премиера на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд“ на фестивалот „CPH:DOX“

Сподели

 

Младинскиот културен центар (МКЦ) ја најави светската премиера на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд“, во режија на Андреас Јонсен, на еден од најголемите светски фестивали за документарен филм, „CPH:DOX“, на 23 март во познатата сала „DR Koncerthuset“, во Копенхаген, Данска.

„Музичкиот документарен филм, кој се снимаше во текот на април 2023 г., претставува музичко патешествие на групата „Ефтеркланг“ во потрага по македонски музичари, со цел составување голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот ’Македониум‘ во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност“, соопштува МКЦ.

Премиерата на филмот, во продукција на МКЦ, „Рошфорт“ (Rosforth) и „Румракет“ (Rumraket),  е закажана за 23 март 2024 година во рамките на „CPH:DOX“ и ќе биде проследена со уникатен концерт на ансамблот „Ефтеркланг: Македониум бенд“ во кој членуваат 22 македонски музичари. Во рамките на концертот ќе бидат отсвирени најпознатите песни од бендот „Ефтеркланг“, но и македонски песни и џез-стандарди во препознатливиот народен ритам.

Покрај бендот „Ефтеркланг“, во ансамблот членува и Женскиот младински хор при МКЦ со 16 хористки, како и музичарите: Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.

Реализацијата на филмот е поддржана од Министерството за култура, од  Данскиот уметнички совет и од програмата на Европската Унија „Културата ја движи Европа“ (Culture Moves Europe).