Театар “Златен Елец” со изведба “Која сум јас” на Светскиот ден на театарот

Сподели

 

Театар “Златен Елец” го прославува 27 март, Светскиот ден на театарот со 14-та изведба на театарското комично шоу ONE WO/MAN COMEDY SHOW “Која сум јас”.

 

Актерите Ангела Стојановска и Александар Иваноски ќе ја прочитаат македонската, а и светската порака по повод Светскиот ден на театарот.

 

 

 

“Го правам тоа што не можам да не го направам” – е моето објаснување зошто Театар “Златен Елец” се роди токму во време на пандемија. Ние сме млад независен театар кој полека, но сигурно расте. Не можеме да нe практикуваме театар, бидејќи љубовта и вербата кон истиот ни се огромни”, ќе каже Надица Петрова, основач и претседател на Театар “Златен Елец”.

 

 

-“Играме две години со изреализирани осум театарски премиери, педесетина изведби во кои имаме доста гостувања и учества на театарски фестивали, во и надвор од границите на Македонија, како и неколку културни настани поврзани со театар. Повеќето од претставите се реализирани со поддршка на самите нас, од ништо – до театар. Креативноста ја изразуваме и преку рачната изработка на костимите и сценографиите кои ги изработуваме ние, актерите од “Златен Елец”.

 

Одговорни сме и за продукцискиот дел кој е најтежок од сѐ, посебно за еден актер. Имаме добиено поддршка за реализација на една претстава од министерството за култура и за една од Град Скопје. Поддршката е во вид на спонзорства за кои сме неизмерно благодарни. Останатите претстави ни се направени со нула буџет и се процеси низ кои најмногу пораснавме.

 

Имаме наш, мал простор кој го користиме под наем на С.Ц Дуња, кој се наоѓа во Скопје, на почеток на уличката позади самата автобуска станица лоцирана спроти градежен факултет. Простор по кој театар “Златен Елец” некако спонтано го доби епитетот “МКЦ за сиромашни”. Имаме убава соработка и со МКЦ каде редовно, барем еднаш месечно ја играме претставата “Шапка, чоколадо, анус и уште нешто”, која е во копродукција со “Спам Студиос” од Бугарија, како и со МНТ каде на малата сцена се игра нашата најнова претстава “Грета”. И затоа, искажуваме голема благодарност до МКЦ и МНТ кои ни дадоа можност за соработка.

 

На 8-ми и 9-ти април имаме нова премиера на монодрамата “Куќа на духови”, во која игра мојот колега и коосновач на театарот Бобан, а во режија на Ѓорѓи Ризевски. Следуваат и други нови претстави за кои ќе зборуваме во друга прилика. Имаме поважни работи да кажеме, посебно сега, кога цел свет го слави театарот како постоење, начин на живот и култура. Сакаме и очекуваме да го добиеме тоа што го заслужуваме. Поголем простор и реална финансиска поддршка за реализација на претставите, бидејќи се докажуваме дека можеме и умееме, но пред сѐ дека расфрламе љубов на даските кога ќе се тргне црвената завеса, изјави Надица Петрова.

 

-Ова е театар за невработените актери, a веќе сме во огромен број. Театар кој дава можност за творење на секој кој што сака да твори. Театар кој е мост каде можеш да се одржуваш и растеш како актер, како уметник, за време и после академијата, па сѐ до вдомувањето во некој национален театар, што е цел на секој невработен актер. Сите знаеме дека не секој добива можност, а нашиот Театар “Златен Елец” е театар на сите – Театар на можностите.

Повелете утре, на 27 март во С.Ц. Дуња со почеток од 20 часот, да го прославиме Светскиот ден на театарот со нејзиниот авторски проект, комично театарско шоу за патешествието на една актерка, која творејќи во оваа (не) држава, се соочува со декаденцијата на општеството.