Тортевски: Претседателот ја злоупотребува службената положба и овластувањата

Сподели

Претседателот на државата Ѓорге Иванов, мандатот за составување нова влада, веднаш треба да го додели на СДСМ, како втора партија по редослед со најголем број пратенички места. Ова е експертски став на адвокатот Александар Тортевски, кој во интерју за ЦИВИЛ Медиа посочува на законските обврски, но и на прекршувањата кои во овој момент, ги врши претседателот Иванов, пролонгирајќи ја, според неговите оценки, законската постапка за формирање нова влада.

tortevski

„Во моментов, преседателот на државата нема простор за консултации, бидејќи консултациите се изведуваат во првите 10 дена, кога мандатот е кај него. Тој дозволи првите 10 дена да поминат. И без никаква консултација, го даде мандатот на Груевски. Со тоа, го започна процесот на доверување на мандатот, по редослед на партиите. Тој сега не смее да врши консултации, туку треба веднаш да го додели мандатот на следната партија која има најголем број пратеници, или евентуално, доколку биде известен од некого дека е создадено мнозинство. Тој сега нема зошто да прави консултации, откако го започна процесот на доделување мандати“, ни изјави Тортевски.

ЦИВИЛ Медиа: Дали може СДСМ како втора по ред партија со најголем број мандати, да го извести претседателот Иванов, доколку успее да обезбеди парламентарно мнозинство од минумум 61 пратеник?

 ТОРТЕВСКИ: СДСМ треба да го добие мандатот и треба да добие 20 дена за да се обиде да состави парламентарно мнозинство. Зошто претседателот не го побара тоа претходно од Груевски, како му го додели нему мандатот, па сега, треба СДСМ да го известува дека има формирано мнозинство?! За да ја скратиме агонијата, секако дека би било подобро СДСМ да го извести. Но, СДСМ има право сега да го добие мандатот и за 20 дена да се обиде да состави влада.

ЦИВИЛ Медиа: Што ако претседателот Иванов повторно го врати мандатот во ВМРО-ДПМНЕ, доделувајќи го на друг мандатар од истата партија?

ТОРТЕВСКИ: Тој е единствено добар само во тие сплетки, да изигрува дворски шут. Теоретски, Иванов може сѐ да направи. Значи, не можеме никако да претпоставиме колку голема глупост тој може да направи. Ние зборуваме како треба, а никој не може да претпостави дали ќе измисли некоја голема глупост. Така што, за мене нема воопшто дилема. Сѐ ова што прави, сѐ е прекршување на Уставот и на процедурата, откако веќе започна да го дава мандатот на една партија. Според мене, тој врши „злоупотреба на службена положба и овластување“, и тоа е основ за кривична одговорност!

извор: Цивил