ТОТАЛНО ПОРАЗЕН! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

Како можевте да го дадете четиригодишното дете ритуално да ви го искасапат умноболни сатанисти?“ – прашал судијата? „Сакав да и’ се умилкувам на Сатаната, а да го пукнам Господа“ – ладнокрвно одговори мајката! Во салата општо негодување, викање, вриштeње (судски процес за масакрот во Алтамира, Бразил).

Сатанизмот претставува збир на мрачни ритуали од позиција на злото во име на хедонистичко уживање, со кои се настојува да се покаже дека Сатаната е чесен, а Господ лаже. Всушност, тоа е манипулација со енергијата и свеста со помош на повеќе ритуали кои го спојуваат невиното човеково верување со мрачната рептилска свест познат како – coluber (огромна змија). Потребно е да се принесуваат жртви пред демонот Moloch, понекогаш и детски животи. Кај сектата мора да владее стравопочит, чувство на вина, послушност и покорност кон Сатаната. Познат е судскиот процес за жртвите на сектата „LUS“ (Lineamiento Universal Superior), каде најмалку 19 деца биле масакрирани. Оти контролата на умот, често завршува со неконтрола на разумот.

Но, што е со нашите мрачни сили кои цели 11 години ритуално владeат со нашиот ум?! Тие мрачно управуваат со нас со стравопочит, правејќи грдите дела да ги доживуваме како убави. Луѓето морале „самоволно“ да понесуваат жртви. Морале да веруват дека Сатаната прави добри дела, а Господ лоши. Дека Сатаната симболизира – правда, чесност, вистина, љубов и благосостојба, а Господ – лага, неправда, нечесност и општа лошотија, кај кого верувале само “предавници и платеници“. Кога сатаната барал жртва, покорената маса возвраќала со овации. Се случи невиден егзодус; јадење корења; понижување и покорување – ама за чудо, верувале дека гордоста не ја дале! А никој не им ја барал! Ритуалниот национал-патриотизам им служел како убава златна маска зад која се крие страшното грдо лице на Сатаната и многу трезори зад него. Така од земјата направија „ветена земја“ за криминалци.

На маските, проблемот со името на државата им служи како средство за блокирање на евроатлантската агенда, оти со тоа ќе добијат граѓаните, ама не и нивниот џеб. Па затоа, со помош на гебелсизам направија плитко народно верување, зад кое се крие нивниот длабок џеб. Да не беа блокирани овие процеси, Македонија веќе шест години ќе беше членка на ЕУ и десет години на НАТО. Регионалните екперти велат дека сега просечната плата кај нас ќе била над 700 евра, а пензиите над 30 проценти поголеми. Згора на тоа што загубивме над четири милјарди евра за Коридорот 8 (со сите пропратни компоненти), и повеќекратно од нивното неексплоатирање. А посебно што од државата, наместо регионален крстопат, направија локален слеп пат.

Сиве овие години, наместо развој и живот, видовме – срамен „Актор“, лажна „Злетовица“, провизиски „Синохидро“, темен „Сончевград“, плацеви, споменици, јавни згради, тендери и што не, поврзани со Кипар, Лугано, Белизе, Кара, Сирах и многу други пеколни даночни раеви, кои сега се истражуваат со сериска буква „Т“. Ги добивме „Црниот понеделник“, „Куманово“, „Крвавиот петок“ со обид за убивства и државен удар! Добивме судство што ги брани тие што треба да ги гони. Станавме држава каде што народот едвај преживува со десет прсти, а едни заработуваат со два милиона раце!

И сега, нова ера, со помош на која попусто Груевски се обидува да го оддржи оптимизмот кај сектата која очигледни е дека се распаѓа со брзина на неговото себедемантирање. Сфаќа дека довербата тешко се гради, ама лесно се руши. Тој се’ уште, како водач на сектата се заканува дека на овие избори ќе расчисти со “предавниците“ кои сега во очите на гласачите станаа преродбеници. Но, гласот го издава пропорционално исчезнувањето на магијата кај сектата. Слатките лаги веќе се стопени од горката вистина, така што останаа мал број уши за нивно слушање. Сектата видно оглувела. Оти, желудникот не умее да лаже. Со лаги можат да се полнат срцата, ама не и стомаците. Остана да зборува тагата по изгубените чеда кои преродбата на сто чекори, ги оддалечи милиони чекори од нивните блиски. Се повеќе дпмне-вското членство сфаќа дека ќе мора да избира меѓу спасувањето на партијата и спасувањето на Фамилијата. Ќе мора да избира меѓу ужасен крај и ужас без крај. Нивната голема загуба на овие избори е микрон загуба во споредба со општата загуба. Понекогаш и поразот е успех ако нешто научите од тоа. Мора да сфатиме дека ако сме станале среќни незаслужено, брзо ќе станеме несреќни ептен заслужено.

Власта од оваа победа малку треба да се радува, а многу повеќе треба да се загрижи. Разораната држава треба да се дигне на нозе, а и човечките животи и судбини. Од овие урнатини создадени со палењето на страста и гасењето на разумот, треба да се направи елементарна држава. Без сатанизам и без сатанизација