Трамп и Абдулазиз потпишаа договори вредни 280 милијарди долари

Сподели

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, и саудискиот крал Селман Бин Абдулазиз во Ријад потпишаа договори за соработка вредни 280 милијарди долари, јавува Anadolu Agency (AA).

Трамп пристигна во дводневна посета на Саудиска Арабија, што е негова прва посета во странство. Тој одржа билатерален состанок со кралот Абдулазиз во палатата Јемамa, по што се одржа и меѓуделегациски состанок.

За време на состанокот станало збор за зајакнувањето и проширувањето на стратешките односи меѓу двете земји, но и за регионални теми, за случувањата на Блискиот Исток, како и за вложувањето напори за воспоставување на мир во целиот регион.

Трамп и Абдулазиз за време на состанокот потпишаа и Договор за партнерска стратешка визија.

По средбата, двајцата лидери потпишаа и низа договори и меморандуми за соработка меѓу двете земји, а нивната вредност се проценува на околу 280 милијарди долари.

Министерот за внатрешни работи на Саудиска Арабија, принцот Мухамед бин Абдулазиз, и шефот на американската дипломатија, Рекс Тилерсон, потпишаа договор кој опфаќа модернизација и јакнење на Вооружените сили на Саудиска Арабија, како и договор за производство на хеликоптери од типот „BlackHawk“ и „Sikorsky“ на подрачјето на Саудиска Арабија.

Исто така, потпишан е и меморандум за соработка меѓу саудиските ИТ компании и корпорацијата „Apple“, како и други договори во областа на воздушниот сообраќај, здравството, инфраструктурата, технологијата, нафтата, гасот, договори за купување авиони, договори на полето на рударството, размена на искуства, договори за заедничко производство на енергија, за одбранбената индустрија и во други области.