На денешен ден, 17 ноември 1991 година, Собранието на Република Македонија го донесе првиот Устав на независната и суверена македонска држава.
Уставот беше донесен по успешниот референдум од 8 септември 1991 година, на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава, во период на распаѓање на поранешната југословенска федерација. Со овој највисок правен акт, Македонија беше дефинирана како суверена, самостојна, демократска и социјална држава, со утврдени принципи на парламентарна демократија, поделба на власта и заштита на човековите права и слободи.
На донесувањето на Уставот му претходеше Декларацијата за независност, усвоена од првиот повеќепартиски состав на Собранието на 25 јануари 1991 година. Сепак, процесот на осамостојување беше проследен и со политички несогласувања. Дел од албанската етничка заедница го бојкотираше референдумот, а пратениците Албанци не го поддржаа новиот Устав.
Меѓународно-правниот субјективитет на државата беше потврден на 8 април 1993 година, кога Република Македонија беше примена во Обединетите нации како 181. полноправна членка. Поради противењето на Грција на уставното име на државата, приемот беше извршен под привремената референца „Поранешна Југословенска Република Македонија“.
Денеска во Собранието ќе биде одбележан настанот со интонирање на државната химна – хор „Света Злата Мегленска“, ќе се обрати претседателот на Собранието Африм Гаши, по кој ќе следи документарен филм „35 години од донесувањето на првиот Устав “.
На настанот ќе присуствуваат директорот на Државниот архив на Република Северна Македонија – м-р Димитар Богески, директорот на ЈНУ Институт за национална историја – проф. д-р Митко Панов, како организатори на настанот, со изложба на архивски документи.
Учество ќе земат Претседателката на Република Северна Македонија – проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, Насе.Зибери – поранешен потпретседател на Владата и член на Комисијата за уставни прашања во 1991 година, проф. д-р Владо Поповски – почесен член на МАНУ и член на експертската група за подготовка на нацрт-текстот на Уставот, Ламбе Арнаудов – пратеник во првиот парламентарен состав на Собранието.
На настанот ќе се одржи и меѓународен симпозиум на тема „Уставност, суверенитет и традиција.
фото Државен архив на РС Македонија


