Вести Свет

Уништувањето на амазонската прашума на најголемо ниво во изминативе 15 години

Сподели:

 

Уништувањето на амазонската прашума во Бразил годинава е на највисоко ниво во изминативе 15 години, покажува официјалниот извештај на Националниот институт за вселенски истражувања на Бразил, пренесуваат Би-би-си и Гардијан.

Податоците покажуваат загрижувачки раст од 22 отсто на површината на уништени шуми во Амазон, така што од август 2020 до јули 2021 година се уништени 13.235 километри квадратни од “белите дробови” на Земјината топка. Ако се земе предвид фактот дека Македонија се протега на површина од 25.713 метри квадратни, тоа значи дека за само една година уништена е површина под шума поголема од половина од нашата земја.

Ваквите податоци укажуваат на најлоша состојба на уништување на шумите во Амазон од 2006 година. Воедно, Бразил е со години наназад критикуван од еколозите и климатолозите дека непрекинато работи на намалување на површините засадени под шума, што пак има директно негативно влијание на климатските промени во светот. Наспроти намалувањето на шумските површини кои ги апсорбираат стакленичките гасови, во светот растат нивните емисии, што пак доведува до пораст на просечните температури на воздухот.

Бразилскиот министер за животна средина Хоаким Леита изјави дека податоците претставуваат „предизвик“ и додаде дека „мораме да бидеме построги кон ваквите злосторства“.

Сепак, невладините организации упатуваат низа од критики кон бразилските власти поради негрижата кон амазонската прашума.

„Владата отиде на КОП 26 знаејќи ги податоците за уништувањето на шумите и ги сокри“, велат од бразилската организација Климатска опсерваторија.

Податоците низ годините наназад покажуваат дека континуираното сечење и палење на прашумата опфаќа површина што е еквивалентна на цели држави низ светот. Една година претходно, од август 2019 до јули 2020 година биле уништени 10.851 километар квадратен од амазонските прашуми, а ваквите бројки во поголем или помал обем се одржуваат и во годините пред тоа.

Инаку, поразителните податоци од Бразил доаѓаат по завршувањето на Конференцијата за климатски промени на ОН – КОП 26, на повеќе од 100 земји во светот потпишаа заложба за прекин на уништувањето на шумите, како и за одвојување на буџет од 19,2 милијарди американски долари за да се поддржи ваквиот договор.

Бразил беше една од земјите која што ја потпиша оваа заложба на КОП 26, а државните власти го објавија и својот план за намалување на уништувањето на шумите на неговата територија, којшто предвидува до 2028 година да се постигне целосно искоренување на ваквата појава.

meta.mk

Сподели: