На 29 ноември 2025 година, со почеток од 19 часот, во аулата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, под називот „Urban Armour“ ќе се одржи модна ревија – дел од истоимениот иновативен културен проект.
„Urban Armour“ или „Урбан Штит“ ја истражува синергијата помеѓу урбаната архитектура, брутализмот и индивидуалниот стил. Проектот го претвора градскиот пејзаж во инспирација за облека, сценографија и визуелни приказни, создавајќи мост помеѓу архитектонските форми и модната експресија. Преку урбаниот штит, авторот на проектот, Татјана Гиновска, работи на афирмација на архитектонската вредност на бруталистичкото наследство и негово пренесување во полето на современиот визуелен и културен дискурс.
„Верувам дека архитектурата и модата се дисциплини кои зборуваат ист јазик – на форма, простор и културни кодови. ‘Urban Armour’ на домашната модна сцена носи културен производ кој ќе го оживее визуелниот јазик на скопскиот брутализам и ќе го претстави на нов, современ начин, преку моден израз.“ – истакнува Татјана Гиновска.
Ментори на проектот „Urban Armour“ се двајца исклучителни професионалци од модната сцена: Никола Булески, моден дизајнер и визионер познат по чисти линии, современи концепти и дисциплиниран пристап кон формата и Александар Ношпал, едно од најпрепознатливите имиња во македонската мода, со авангарден израз, повеќедецениско искуство и силно влијание врз локалната модна естетика.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија, во рамки на Програмата за поддршка на креативни индустрии. Модната ревија дел од проектот се реализира со поддршка на факултетите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Сите заинтересирани може да ја проследат модната ревија „Urban Armour“ во сабота, на 29.11.2025 година, со почеток од 19:00 часот во аулата на Филолошкиот Факултет во Скопје.


