Од 7 до 9 мај ќе се одржи првото издание на Вински фестивал Битола. Битола добива нова мајска фестивалска приказна, во која виното, музиката и градското дружење ќе се спојат на едно од најпрепознатливите места во градот, платото пред Офицерски дом.
Организаторите најавија дека фестивалот е замислен како нов градски настан што треба да ја надополни културно-забавната понуда на Битола и да создаде уште еден повод за дружење, дегустација и уживање во отворена фестивалска атмосфера.
„Очекувам прекрасни фестивалски денови. И со ова Битола на туристичката мапа на Македонија уште еднаш се етаблира како град на културата, отворен град и за посетителите кои што ги очекуваме во голем број со една новина за градот Винскиот фестивал“ рече градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Фестивалската програма е замислена како спој на различни музички вкусови и генерации. На сцената пред Офицерски дом ќе настапат повеќе домашни изведувачи, меѓу кои резидент диџеј, B52, „Пауза за ракија“, DJ Александар Јорданов,„ Lockdown“, „Оркестар DIVA“, DJ Гоце Саф, „Zdrave Music“, „Љубојна“ и „Паркети“.
Новиот директор на КИЦ најави дека кон крајот на мај ќе организираат саем на средните училишта и музички хепенинг, наменет за полуматурантите и нивна поддршка во полесен избор кон средното образование.
Градоначалникот на Битола соопшти дека Културниот и информативен центар КИЦ Битола годинава ќе биде за прв пат организатор на Битолското културно лето Битфест кое ќе се одржи по 18-ти пат.
фото Општина Битола


