Вечерва започнува 37. Скопски џез фестивал

Сподели

Британскиот џез-пијанист Александер Хокинс во Македонската опера и балет вечерва ќе го отвори 37. Скопски џез фестивал. До недела, 21 октомври, на програмата се четири концерти во терминот од 20 часот во МОБ и три полноќни во Дансинг салата на Младинскиот културен центар.

Џез-пијанистот Хокинс, кој се смета за еден од најиновативните и најимагинативните британски пијанисти и композитори, покрај солистички настапи има и широк спектар креативни контексти, вклучувајќи го и компонирањето за неговиот квартет и ансамбл, како и во проекти на современи музички лидери. Неговите концертни ангажмани му донесоа настапи на големите клупски, концертни и фестивалски сцени низ светот.

На првата фестивалска вечер од 22 часот ќе настапи и славниот американски саксофонист Дејвид Мареј со неговиот квартет, кој заедно со раперот и поет Сол Вилијамс ќе го претстави проектот „Blues for Memo“. Со овој концерт Мареј ќе ја почне својата европска турнеја.

На полноќниот концерт во МКЦ ќе настапат бразилскиот гитарист Арто Линдзи, кој ќе пристигне од Рио, каде што живее кога не е во Њујорк, а во Скопје ќе му се придружи норвешкиот тапанар Паал Нилсен-Лав, еден од најактивните и најпродуктивните скандинавски музичари во последните две децении.

Скопски џез-фестивал најави ексклузивна, уникатна и храбра програмска ориентација за претстојното издание. Годинава ќе доминира современиот џез, а музичарите што ќе учествуваат  специјално ќе дојдат за фестивалот и нивните концерти, освен на Дејвид Мареј, не се дел од турнеи.