Утврдена дискриминација кон транссексуална жена од страна на аптека „Виола“

Сподели

 

 

Директна дискриминација врз основа на родов идентитет сторена врз транссексуална жена утврди вчера Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), информираат од Коалиција „Маргини“.

Дискриминацијата е сторена преку барање на специјалистички извештај за добивање на лек и покрај уредно приложени рецепти, читање на глас на лични податоци пред трети лица и вребално вознемирување од страна на апотекарката. Согласно „Правилникот за поблиските услови за начинот на пропишување и издавање или продавање на лекови“, лекот се издава со рецепта. Апотекарот нема право да го условува издавањето на лекови со доставување на специјалистички извештај.

 КСЗД препорача на аптеката Виола во иднина да им обезбеди непречен пристап до добра и услуги на сите трансродови лица и да спроведе обука за подигање на свеста и сензибилизација на своите вработени за работа со маргинализирани категории на граѓани, вклучително и со трансродови лица.

Коалицијата МАРГИНИ за истиот случај се обрати и до Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за лекови, кои и прокрај забраната за дискриминација во законите од областа на здравството се прогласија за ненадлежни. Случајот беше пријавен и во Државниот здравствен и санитарен инспекторат, кој никогаш не достави одговор.

 Жалбата до Фармацевстката комора беше отфрлена како неуредна бидејќи не можевме да го дознеме името и презимето на апотекарката, сторителка на повредата и покрај објаснувањето дека тоа не е возможно. Со тоа, Фармацевстката комора не го префрли товарот на докажување на сторителот, аптека Виола, која единствено може да го знае идентитетот на аптекарката, застанувајќи на страна на сторителите на дискриминација.

Бараме КСЗД да го следи спроведувањето на препораката и дополнително да пропише рок за нејзино спроведување. Доколку сторителот не ја спроведе препораката во разумен рок, бараме КСЗД да покрене прекршочна постапка против аптеката Виола.

 Трансродовите луѓе често се сретнуваат со дискриминација во пристапот до добра и услуги, особено во здравството. Од една страна, здравствените услуги не се прилагодени на потребите на оваа група, а од друга страна, здравствените работници често ги навредуваат и стигматизираат трансродовите луѓе.

Бараме Министерството за здравство да ја унапреди законската рамка од аспект на дискриминација, да ги зајакне капацитетите на институциите за заштита на човековите права, правата на пациенти и недискриминацијата, како и да даде јасни насоки на институциите за постапување во случаи на дискриминација согласно стандардите во областа, информираат од Коалиција „Маргини“.