Вакцините за КОВИД-19 се очекуваат во првите месеци од 2021 година – вакцините се безбедни

Сподели

 

На денешната прес-конференција, на која портпаролите на Владата информираа за заклучоците и одлуките од вчерашната 32-ра седница, на прашањето во врска со набавката и пристигнувањето на вакцината против КОВИД-19 беше одговорено дека се користат сите инструменти, вклучувајќи го и КОВАКС механизмот, кој беше прв на располагање.

 

 

„Веќе се обезбедени 833.000 вакцини за популација од околу 400.000 граѓани за вакцина и ревакцинација во рамки на КОВАКС механизмот. Согласно планот за дистрибуција, вакцините се очекуваат во првите месеци од 2021. Покрај овој механизам, започнавме преговори и за директна набавка од компаниите, кои ги произведуваат вакцините. Предвиден е и трет механизам преку Европската Унија која е во постапка за набавка на 200 милиони вакцини за земјите членки и за уште дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од унијата. Ние аплициравме за дополнителни 800.000 дози од овие 100 милиони. Дел од првата пратка на вакцини што ќе стигнат во Грција ќе бидат наменети за нашите граѓани. Ова e потврдено уште еднаш во телефонски разговор со грчкиот премиер Мицотакис“, одговори портпаролот Душко Арсовски.

Во врска со планот за тоа по кој редослед ќе се вакцинираат граѓаните во нашата држава, портпаролите на Владата, истакнаа дека, штом биде достапна вакцината во земјава, први ќе ја примат лекарите, медицинскиот персонал и сите други на првата линија во борбата со пандемијата, потоа хронично болните, возрасните граѓани, вработените во градинките и останатите на приоритетната листа. Потоа, ќе се вакцинираат политичарите и како што најави премиерот Заев и тој ќе даде личен пример во насока на давање поддршка во напорите за сузбивање на Ковид-19.

Во врска со смртноста во последните неколку месеци на КОВИД пациенти, беше одговорено дека Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје водат евиденција за возраста, полот, местото од кое доаѓа и коморбидитети, на сите пациенти кои се починати во здравствените установи во земјава, а биел позитивни на Ковид 19. Најголем дел од егзитирани пациенти се со други болести кои дополнително ја влошиле нивната состојба. Околу 90 проценти од сите пациенти кои се починати, имале најмалку една, до две други болести, што дополнително ја влошиле нивната здравствена состојба и довеле до смртен исход. Најчести болести кои ги имале тие пациенти, заразени со КОВИД-19, се кардиоваскуларни болести, дијабет, болести на бубрезите и пулмолошки болести. Дел од пациентите кои починале биле со карцином во понапредна фаза или имале тешка хируршка интервенција после која настапила смрт, информираа Владините портпароли, кои посочија дека детална анализа за морталитетот на сите лица од КОВИД-19 за целиот период од почетокот на пандемијата ќе биде објавена дополнително.