Вечерва претпремиера на претставата „Три сестри“ во режија на Нела Витошевиќ

Сподели:

Претпремиерата на претставата „Три сестри“, по мотиви на А.П. Чехов, во режија на Нела Витошевиќ, ќе се одржи вечерва на 24 септември, а премиерата е закажана за 25 септември.

Билетите за претпремиерната и премиерната изведба како и за првата изведба која е закажана за 5 октомври се достапни во продажба, а публиката може навреме да ги обезбеди своите места. 

Новата сценска адаптација, по текст на Васил Христов и Нела Витошевиќ, а во драматургија на Викторија Рангелова-Петровска, е современо читање на еден од најзначајните драмски класици. 

Претставата „Три сестри“ во режија на Нела Витошевиќ е работена врз новиот драмски текст под кој како автори се потпишуваат Васил Христов и Нела Витошевиќ.

Во драмскиот текст се користат мотиви од истоименото дело на Чехов, поставени во постмодерна драмска структура – со динамичен и скоро документарно природен дијалог, суптилен хумор, разорна карактерна психологизација и поетичен драмски јазик. 

Во претставата „Три сестри“ се преиспитува денешната стварност преку галерија ликови заробени помеѓу спомените, изгубените идеали и копнежот по поинаков живот.

Драмското дејство е поместено на овие наши простори, во современи општествени околности. Карактерите се лица кои постепено се оддалечуваат од сопствените желби, од самите себе и од оние кои вистински ги сакаат.

Семејството станува мала слика за едно општество во распаѓање, во кое старите вредности исчезнуваат, а новите сè уште не се родени. 

„Три сестри“ не ја гледам само како приказна за едно семејство кое не успева да се придвижи. Ја гледам како приказна за луѓе и за едно општество заглавени во мртва точка. Сите знаат дека треба да се помрднат, сите зборуваат за промена, сите сонуваат за некаде и некогаш, но никој не успева навистина да тргне, вели режисерката на претставата Нела Витошевиќ. 

Во претставата настапуваат: Дарја Ризова – Ирина, Наталија Теодосиева – Маша, Верица Недеска – Олга, Дамјан Цветановски – Андреј, Благој Веселинов – Александар, Емил Рубен – Иван, Ивица Димитријевиќ – Игор, Нина Деан – Наташа и Антонио Ташковски – Никола. 

Креативниот тим го сочинуваат сценографот Игор Васиљев, костимографката Роза Трајческа, композиторот Огнен Анастасовски, а извршни продуценти се Симона Угриновска и Виктор Рубен. 

Портретната фотографија од режисерката е од фотографот: Кристијан Теодоров

Фотограф на претставата е Кире Галевски

Сподели: