Во Кинотека ќе се прикаже филмот “ПРЕВРТЕНО” на Игор Иванов-Изи

Сподели

 

На 20 октомври, со почеток во 20:00 часот, во Кинотеката ќе биде прикажан филмот ПРЕВРТЕНО на Игор Иванов-Изи, по повод 15 години од неговата премиера.
 
 
 
 
Кога во 2007 година на Интернационалниот филмски фестивал во Карлови Вари, Чешка, премиерно беше прикажан дебитантскиот долгометражен игран филм ПРЕВРТЕНО (Upside Down) на Игор Иванов-Изи, каде што овој филм беше во конкуренција за наградата „East of West Award“; тој момент беше и своевидна потврда за сета претходна работа на овој наш филмски автор. Иванов тогаш, не некој начин – ја „завери“ таа потврда, кога со неговиот филм ПРЕВРТЕНО, малку подоцна, ја освои Наградата за најдобра режија, на фестивалот во Валенсија (Шпанија) – Mostra de València-Cinema del Mediterrani; потоа, Иванов, таа нагорна линија ја продолжи и со неговите подоцнежни остварувања – пред сè, со долгометражните играни наслови СОБА СО ПИЈАНО (2013) и ХОМО (2020), потоа со долгометражниот документарен КОБРА (2018), како и со ангажманот како режисер/креативен директор во ТВ сериите ПРЕСПАВ, ИНСАЈДЕР, СЕНКИ НА БАЛКАНОТ (една епизода од првата сезона).
 
Денес, Иванов е веќе едно од водечките режисерски имиња на македонската кинематографија, со десетици награди и признанија на светските филмски фестивали.