ВОА: Вонредна седница на ОН за Северна Кореја

Сподели

Состанокот го побараа САД, Јапонија и Јужна Кореја откако Пјонгјанг вчера лансираше балистички проектил, и тоа на невообичаено голема височина, пренесува ВОА.

Советот за безбедност на ОН утре се подготвува да одржи вонреден состанок за најновиот ракетен тест на Северна Кореја.

Состанокот го побараа САД, Јапонија и Јужна Кореја откако Пјонгјанг вчера лансираше балистички проектил, и тоа на невообичаено голема височина, што може да биде показател за оспособеност ракетата да лета до 4.500 километри.

Северна Кореја денеска соопшти дека успешно го извела тестирањето на нов проектил од среден до долг домет, а процесот бил под надзор на лидерот Ким Јонг Ун, со цел да се утврди способноста за носивост на „голема и тешка нуклеарна боева глава“.

Белата куќа издаде соопштение во кое вели дека тестот треба да „служи како повик до сите земји за воведување на далеку поостри санкции против Северна Кореја“.

Најновите активности ги осудија и Јапонија и Јужна Кореја, нарекувајќи ги сериозна закана за регионот и прекршување на резолуциите на ОН.