Колумна Текстови Ударни вести

ВРВ НА ГРУЕВИСТИЧКОТО ЛИЦЕМЕРИЕ! – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели:

Замислете: Партијата која што во македонската политика ќе остане запаметена како најголем и најбрутелен престапник  на изборните процеси, која што своето еднодецениско владеење го остваруваше со безбројни изборни измами и фалсификати, со поткупи, уцени и закани врз гласачката волја, која што целокупниот државен апарат го користеше за своите изборни злоупотреби и манипулации, претворајќи ја полицијата во свој изборен штаб, судството во закрилник на изборните незаконитости, локалната власт во извршна оператива на партиските криминали, собра смелост на прагот на претстојните избори, да ја обвини новата власт дека подготвува и спроведува изборен терор. Дека со примена на насилства и застрашувања сака да дојде до изборна победа.

Истата таа партија која што во сите меѓународни извештаи беше означена како окупатор на државата, односно дека таа станала нејзин заробеник, вршејќи партизација на сиот институционалиен систем, почнувајќи од државата и јавната администрација, полицијата, судството, науката, културата, спортот, не поштедувајќи ги дури ни училиштата и детските градинки, настапува денес со обвинувања дека новата власт, сто дена по доаѓањето, ја претворила државата во партиски посед. Дека ги погребала нејзините високи демократски придобивки што демек биле остварени во времето на владеењето на Никола Груевски. А, тоа е она време кога македонската демократија беше ставена на гилотина: преполни затвори со политички неистомисленици осудени во монтирани процеси, прогон на слободното новинарство, насилно исфрлање на опозицијата од собраниската сала и обиди за нејзина физичка ликвидација, на денот кога по изборната победа сакаше да ја врати парламентарната демократија во живот.

Иронијата да биде поголема лидерот на таа партија, познат како гробар на македонската демократија, денес зборува за нејзината загроза и повикува на нејзина одбрана. И не само тоа: како предводник на злосторничката криминална дружба, против која се водат повеќе кривични истраги излегува со обвинувaња дека новата власт ја криминиализирала државата и намерно ја води кон економска пропаст. А пропаста се состоела во нејзината намера да открие и да докаже колку стотици милиони евра народни пари биле ограбени и префрлувани во странски банки, и како тоа фамилијата на Груевски заедно со неговата партија станале едни од најбогатите на европските простори.

И тука се доаѓа до клучното прашање за изборното бунило и хистерија во која се најде сегашната опозиција: како ќе се правда новиот изборен пораз кој што за партискиот лидер ќе значи и дефинитивен крај на неговата политичка кариера. Груевски не е толку глупав да не знае дека последната сламка за која може да се фати, е изборниот процес да се прогласи за насилен и недемократски. Кога веќе не му успеа политичкиот трик со т.н. тиранска платформа, потоа со употребата на албанскиот јазик, па со изградбата на бегалските кампови и планот на Заев да ја исламизира Македонија, на крајот не му преостана ништо друго освен да поттикне разни изборни инциденти и на тој начин  да се оспори легалноста на изборниот процес.

На негово разочарување, актуелната власт не наседна на ваквите провокации. Остро ги осуди сите тие инциденти, брзо и енергично реагираше во нивното расветлување, барајќи одговорност за учесниците во насилствата со што беа оневозможени сите шпекулациите  околу нивната организираност. Истовремено, присутните меѓународни посматрачи излегоа со оценка, дека до сега изборниот процес се одвива мирно и во демократска атмосфера и дека овие поединечни инциденти немале поголемо влијание на неговиот тек.

Дали така ќе биде и следните неколку дена, до неделата, кога ќе се излезе на гласање, останува да се види. Но, уште отсега едно може да се предвиди дека плачкото Николае ќе изнајде илјада причини да ги оспори изборните резултати и да го оправдува својот нов пораз. Притоа, целосно свесен дека ова се последни избори на кои тој ќе учествува како партиски лидер. И последен очајнички обид да побегне од судскиот одговорност која што го очекува во најскоро време!

Сподели: