КАКО ДА СЕ ПОРАЗИ ГРУЕВИЗМОТ? – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

AJANOVSKI

Пред нецели две години, кога режимот на ДПМНЕ ја достигна својата најголема политичка моќ, постоеше општо уверување дека тој е непобедлив и дека со недемократските средства што ги применува, ќе владее уште многу години. Впрочем, тоталитаристичкиот систем што го градеше во изминатата деценија и со кој воспостави целосна контрола и партиски диктат врз државниот и општествен корпус, беше планиран долготрајно да господари со македонскиот политички живот и со судбината на своите граѓани. Во тој контекст, покрај разградбата и демонтажата  на постојните институции, како првостепена задача, тој ја постави пред себе демонизиацијата и разнебитувањето на политичката опозиција и на сите негови неистомисленици кои што можеа да го спречат остварувањето на таа цел. Прв чекор во таа насока беше насилното исфрлување на опозициските пратеници и новинари од собраниската пленарна сала (24 декември 2012година), по што уследи повикот или наредбата на лидерот Никола Груевски, на следните парламентарни и локални избори да се оствари изборна победа која што ќе му овозможи надмоќно и несметано владеење до следниот мандат. Како резултат на таквата партиска стратегија во 2014 година се случија многубројните изборни насилства и фалсификати, преку кои владејачката ДПМНЕ стана доминантна сила во парламентот и на локално ниво, а нејзиното раководство осилено и неконтролирано продолжи со своето самоволно и криминално владеење.

Во тој период, пред ослабената и немоќна опозиција, пред се` во редовите на СДСМ, се појавија разногласија околу начините како понатаму да се води битката за развластување на груевистичкиот режим, односно дали да се искористат сите дозволиви демократски средства, вклучувајќи и ја уличната демократија, преку масовни протести и демонстрации да се принуди власта на повлекување, или пак да се продолжи со вообичаените институционални механизми но, без учество во парламентарните дебати, да се разобличува деспотскиот карактер на режимот, како би се дошло до правични и фер избори каде што граѓаните ќе можат да ја изразат својата слободна гласачка волја.

Тие дилеми во раководството на СДСМ ќе останат и по објавувањето на тн. “бомби на Заев”, кога македонската јавност осозна со какви се` незаконски и мафијашки методи Груевски го обезбедува и зацврстува своето владеење и кога граѓанското незадоволство и револт достигна висок степен на екслпозивен набој. По мајските демонстрации во Скопје, на кои излегоа стотина илјади манифестанти од сите краишта на земјата и од сите политички и етнички припадности, продолжени со самоорганизирани средношколски, студентски, и професорски протести, а потоа и со секојдневни граѓански маршеви на Шарената револуција, се појавија ставови дека опозицијата повеќе не треба да прифаќа никакви преговори со нелегитимната власт и дека со помош на граѓанскиот отпор треба решително да тргне во пресметка со неа, се` до нејзиното соборување.

Но, реалните проценки на новото раководство на СДСМ се сведуваа на едно: режимот не само што не покажа спремност на мирен начин да се повлече и да се излезе од политичката криза, туку беше решено по цена и на граѓански и меѓуетнички судири, а тоа значеше и човечки жртви, да се задржи на владејачкиот трон или поточно да го спасува своето раководство од неминовната политичка и правна одговорност. На таков развој на настаните укажувааа отворените закани во неколку јавни настапи на поранешниот премиер Груевски, како и мобилизацијата на неговото партиско членство и организираните контрапротести против активистите на опозицијата и на граѓанскиот сектор, под изговор дека наводно се спасува Македонија од странски платенички сили,  што се` заедно можеше да заврши со трагични последици и дестабилизација на државата.

Врз таквите проценки, како што деновиве соопшти опозизиониот лидер Зоран Заев во интервју за ТВ Телма, беше прифатена иницијативата на меѓународната заедница преку лидерски средби и преговори со власта да се пронајде соодветно решение за кризата, што резултираше со Пржинскиот договор и со преземени обврски да се создадат нормални услови за одржување на предвремените избори. Според Заев, и покрај сите манипулации и блокади на тој договор од страна на власта, до сега се остварени почетни, но значајни промени на македонската сцена кои што ветуваат ако ништо повеќе,мирна и демократска разврска на повеќегодишната кризна состојба.Тој е уверен дека на изборите на 11 декември, преку обединувањето на сите опозициски сили во еден антирежимски блок, ќе му биде зададен завршниот удар на сегашното безвластие и државата ќе тргне во посакуваните државни и општествени промени.

Дали неговиот оптимизам се базира на објективни претпоставки? Што ако се случи ново пролонгирање на изборите, како што посакува и планира власта, и дали укинувањето на СЈО не ќе значи ново, натамошно продлабочување на македонската агонија?

Во таков случај, илузорно е да се очекува дека опозицијата без директна интервенција на меѓународната заедница, самата ќе може да го врати Пржинскиот процес на вистинскиот демократски колосек и на мирен начин да се надминат досегашните конфликтни состојби. Или пак, на крајот на краиштата, опозицијата ќе биде приморана да се определи за последната солуција: со употреба на уличната демократија и со граѓански бунт да се постигне она што политичкиот дијалог не успеа да го оствари?

Во секој случај претстојната посета на еврокомесарот Јоханес Хан, дефинитивно треба да даде одговор како понатму ќе се одвиваат настаните на политичка сцена и на кој начин Македонија ќе ја извојува битката за правда и слобода. Да се надеваме дека на крајот разумот ќе превладее и по толку искушенија и предизвици македонската држава ќе има сили да се врати во нормалноста на својот демократски развој.