„Вучиќ издаде наредба да се подигне подготвеноста на војската и полицијата“

Сподели

Директорот на Канцеларијата при српската Влада задолжена за Косово, Марко Џуриќ, денес изјави дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, му наредил на началникот на Генералштабот на Војската на Србија, Милан Мојсиловиќ, да ја подигне борбената готовност и дека е во тек состанокот на Вучиќ со безбедносните официјални претставници, поради, како што наведе, „упадот на косовската полиција на езерото Газивода“, јавува Anadolu Agency (AA).

„Претседателот издаде наредба за началникот на Генералштабот и министерот за внатрешни работи да преземат мерки од својата надлежност, да го подигнат нивото на подготвеност во своите институции. Вучиќ ги запозна и предупреди меѓународните претставници дека ваквиот вид однесување не е прифатлив и дека Србија, во согласност со Резолуцијата 1244 ќе го штити својот народ“, изјави Џуриќ на прес-конференцијата во Белград.

Тој додаде дека Вучиќ на посебна локација има состанок со началникот на Генералштабот и со другите полициски и безбедносни официјални претставници.

Џуриќ потврди дека „специјалните единици, вооружани до заби со оружје со долг дострел на албанската полиција“ од Приштина го „зазеле“ езерото Газивода за да му овозможат на претседателот Хашим Тачи да го посети езерото.

Тој рече и дека специјалните единици „упаднале“ и во Центарот за екологија и спорт каде што „луѓето без причина се врзаа и уапсија, а целта е да се заплаши српскиот народ“.

Џуриќ додаде дека таквото однесување е „спротивно на сите договори“ и дека гаранции дека РОСУ или другите специјални единици на косовската полиција нема да влегуваат на северниот дел на Косово, дале и НАТО и сите други.

„Вакво нешто се случи на очиглед на меѓународната заедница. Сите што ги повикавме, молчат – нема одговор ниту од ЕУ, ниту од НАТО“, рече Џуриќ.

Косовските институции сѐ уште не се огласија за наводите на српските официјални претставници.

Езерото Газивода се наоѓа на северниот дел на Косово во кој поголемиот број од населението го сочинуваат Срби.