Вести Македонија Ударни вести

Вучиќ потврди дека Груевски заминал во Унгарија преку Србија

Сподели:

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ во првата реакција на официјален Белград, рече дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски избегал во Унгарија преку Србија, но пред да биде издадена меѓународна потерница за него.

Ова е првата реакција на официјален Белград откако Груевски избега од Македонија за да избегне одење в затвор, иако многу време се шпекулираше дека избегал преку Србија.

Вучиќ синоќа за српската телевизија „Хепи“ образложи дека Груевски од Македонија влегол во Албанија, потоа во Црна Гора и преку Србија, и на граничниот премин „Хоргош“ влегол во Унгарија. Според Вучиќ, Никола Груевски на 11. ноември ја напуштил Македонија идентификувајќи се со лична карта и во придружба на двајца унгарски државјани влегол на територијата на Албанија, од каде на граничниот премин „Хани Хоти – Божај“ влегол во Црна Гора. Потоа, на 11 ноември нешто по 22.30 часот преку граничниот премин „Гостун“ влегол во Србија идентификувајќи се со лична карта, а на 12 ноември влегол во Унгарија на граничниот премин „Хоргош“, идентификувајќи се со лична карта и пасаван (пропусница) што ја добил од унгарската амбасада во Албанија – изјави Вучиќ.

Според Вучиќ Србија не направила грешка со оглед на ситуацијата и оти не можела да постапи поинаку, освен да му овозможи влез и излез на поранешниот македонски премиер од нејзината територија. Се постапувало по закон..

– “Дури на 13. ноември во 19.35 од Интерпол – Скопје ни се доставува меѓународна потерница. Што очекувате? Да апсиме луѓе за кои не е распишана ниту потрага? А камоли меѓународна потерница?” – изјави Вучиќ, велејќи да се постапело така, тоа би било киднапирање.

На прашањето кога последен пат се слушнал со Груевски, Вучиќ одговори дека тоа било за време на немирите во Собранието на 27. април 2017 година, кога Груевски од Виена го молел да апелира за смирување на ситуацијата. Но, како што објасни српскиот претседател, се слушнале и подоцна, во врска со Европските народни партии.

 

Сподели: