Вести Македонија Ударни вести

Заев и лидерите од Западен Балкан ја гледаат 2018 година како клучна за голем исчекор кон ЕУ

Сподели:

Премиерот Зоран Заев и неговите колеги од земјите од Западен Балкан вчера во Брисел присуствуваа на неформален состанок на покана на високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Федерика Могерини.

Заев на неговиот официјален „Фејсбук“ профил наведе дека на средбата било констатирано дека лидерите од регионот ја гледаат 2018 година како клучна за голем исчекор на сите држави од регионот во пристапувањето кон ЕУ, но и за интензивирање на регионалната соработка со максимална поддршка на инструментите на ЕУ.

„Најважна новост за државите од Западен Балкан во 2017 година беше најавувањето на Стратегијата за проширување на ЕУ на претседателот на Европската Комисија, Жан Клод-Јункер. Токму Стратегијата и нејзините клучни одредници беа главна тема на дискусија“, наведено е на фејсбук профилот на македонскиот премиер.

Заев во објавата нагласува и дека сите држави од Западен Балкан треба да гледаат на оваа Стратегија како на јасен сигнал кон нив за нивната европска перспектива и дека секоја од државите од Западен Балкан треба да напредува на патот кон ЕУ врз основа на напредокот кој го покажува во реформите во клучните области.

Овој неформален состанок претставува продолжување на разговорите на високата претставничка Могерини со балканските лидери од мај годинава, кога таа, исто така, ги собра на неформална работна вечера.

Сподели: