Посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Белата куќа беше прекината откако тој влезе во жестока кавга со американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс, кои го обвинија за „непочитување“ за време на нивните разговори во Овалната соба.
Трамп ја прекина средбата, а натамошниот состанок потоа беше откажан, каде Трамп и Зеленски требаше да го потпишат најавуваниот Договор за суровини.
Зеленски потоа ја напушти Белата куќа.
На состанокот Трамп постојано му кажуваше на Зеленски дека се коцка со животите на милиони луѓе, со Трета светска војна.
„Твојата земја е во голема неволја.Ти не си баш во најдобра позиција во моментов“, го искара Трамп Зеленски,на што тој возврати, па ние не сме во добра позиција од почетокот. Потоа Трамп тврдеше дека Зеленски си игра со трета светска војна, на што тој му возврати: Што зборуваш? Трамп го прекина и со кренат показалец му рече: „Не, премногу зборуваше“.
Двајцата постојано се судираа околу нивните ставови за Русија и преговорите, како и за степенот на европската поддршка за Украина.
„Имате проклето добри шанси од ова да излезете океј поради нас. Ние преку оној глупав претседател (мислејќи на Џо Бајден) ви дадовме 350 милијарди долари, ви дадовме воена опрема. А ако ја немавте нашата воена опрема, оваа војна ќе беше завршена за две недели“, му рече Трамп на Зеленски, на што овој му одговори: „За три дена. Така слушнав и од Путин“.
Трамп рече дека Зеленски „мора да биде благодарен“, на што Зеленски одговори дека е „многу благодарен“, а Трамп го пресече и со повишен глас му рече: „Луѓето умираат, ти снемуваат војници“. Потоа, Трамп посочи дека Зеленски сè уште не е подготвен да стави крај на вооружениот конфликт и оти ризикува да почне Tрета светска војна.
-Секако дека сакам прекин на огнот, но со гаранции. Прашајте го украинскиот народ какви му се чувствата кон договорот за прекин на огнот. Тогаш потпретседателот Џи Деј Венс го нарече Зеленски полн со непочитување поради обидот јавно да разговара за конфликтот.
Зеленски постојано предупредуваше дека каков било договор без безбедносни гаранции нема да биде доволен.
„Путин никогаш нема да застане и ќе оди подалеку и подалеку. Тој нè мрази. Знаете, не се работи за мене. Ги мрази Украинците. Тој мисли дека ние не сме народ. Тој мисли и го сподели ова со, мислам можеби и со вашиот тим, не знам, но со сите Европејци во медиумите, официјално и неофицијално. Секогаш велеше дека нема таква земја, таква нација, таков јазик и таков живот како украинскиот.Не, тој навистина не ги почитува сите Украинци и сака да не уништи“, рече Зеленски додавајќи: „Затоа никогаш нема да прифатиме само прекин на огнот. Нема да функционира без безбедносни гаранции… овој документ не е доволен, ни треба силна армија, бидејќи неговите војници така се плашат“, рече тој.
Во бизарното продолжение, Трамп ја пофали облеката на Зеленски, велејќи дека е „убава“. Кога беше прашан за безбедносните гаранции рече дека фокусот е на САД е да имаат „работници таму, кои копаат, копаат, копаат, … земаат сурова земја за да можеме да создадеме многу одлични производи во оваа земја“.
По средбата Володимир Зеленски даде интервју за „Фокс њуз“. Тој изјави дека не му должи извинување на Доналд Трамп по средбата во Овалната соба.
