Заев: Република Илинденска Македонија е решение за кое сум подготвен да водам напред

Сподели

Денес, на средба со политичкиот врв на државата информирав за последната фаза од преговорите околу спорот што Република Грција го има со уставното име на Република Македонија, – изјави премиерот Заев.

Со целосна одговорност, внимателност и посветеност на државните интереси, ги информирав претседателот на државата, претседателот на Собранието и претседателите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за сите детали од преговорите и известив дека владите на Република Македонија и Република Грција разговараа за опција и решение кое може да биде прифатливо за двете страни.

Република Илинденска Македонија е името за кое е можен компромис со Грција. На англиски “Republic of Ilinden Macedonia”, на албански “Republika Ilinditase e Maqedonisë”.

Република Илинденска Македонија е име со кое го зајакнуваме темелот на нашата Република, a Илинден значи историски континуитет на нашите стремежи, нашата државност и нашата гордост. Илинден е нашето славно минато, Илинден е и нашата светла иднина.

Со ова можно решение го чуваме достоинството, го потврдуваме и го зајакнуваме нашиот идентитет македонски. Илинден е гаранција и за мултиетничка Македонија. Илинденската Македонија е држава и општество за чиј добробит и развој подеднакво се ангажирани и Македонците, и Албанците, и Турците, и Србите, и Власите, и Ромите, и Бошњаците, и сите други што се бореле и избориле за слободна и независна Македонија.

Првиот Илинден, 1903 е симбол на заедничката борба за слободна и автономна Македонија, без разлика на вера, народност, пол и убедувања. Првата Република на Балканот. Нашиот стремеж.

Вториот Илинден, 1944 е заокружување на нашата борба за формирање држава. На вториот Илинден е воведен македонскиот јазик како службен јазик во нашата држава Македонија.

Третиот Илинден, 8 септември 1991 е симболот за нашата независност за која се изборивме без капка крв. Нашата самостојност.

Слободна и независна Република Македонија е плод на трите Илиндени – на Илинденското востание и Крушевската Република, на НОБ и партизанските единици кои ги носеа имињата на славните Илинденци, и на политичката борба за независна и меѓународно признаена Македонија.

Илинден е нашиот празник, Илинден е нашиот македонски јазик, Илинден е нашата државна химна! Илинденската идеја за слобода и државност од 1903 се оствари со АСНОМ 1944!

Сакам да испратам и порака до граѓаните на Грција.

Со ова име, правиме целосно разграничување со регионот Македонија во Грција. Разграничување од секој аспект. Илинденското востание е заедничка борба на нашиот мултиетнички народ за социјални права и слободи. И нема никакви територијални аспирации према ниту една соседна земја, вклучително и Грција. Тоа е истата борба, и во 1903 и во 1944 година.

Уште еднаш потврдувам, и јас и мојот народ, дека немаме никакви територијални претензии и ги потврдуваме неменливоста на границите и почитувањето на наследството на грчкиот народ и Грција. Македонија е подготвена да го потврди ова на сите потребни начини.

Почитувани граѓани,

Сега, нам ни треба нов четврти Илинден во кој ќе се обединиме одново. Четвртиот Илинден е нашата светла иднина.

Со четврт Илинден, со евентуален договор меѓу Република Илинденска Македонија неповратно го отвораме патот кон членство во ЕУ и НАТО, што е гаранција за нашиот опстанок и напредок.

Во јули добиваме покана за членство во НАТО. Ќе бидеме рамо до рамо со САД, Франција, Велика Британија, Германија – со најсилните земји, тие ќе бидат гаранција за нашата безбедност и стабилност.

Нема повеќе пречки за членство во ЕУ. Отворени врати, наместо блокади, ќе добиваме повеќе пари и помош од ЕУ. Фондови за движење на економијата, фондови за подобар живот на граѓаните. Во кој момент ќе добиеме столче во Брисел ќе зависи само и исклучиво од нас – од тоа колку брзо ќе ги спроведеме реформите.

Со можниот договор добиваме финална потврда – јазик македонски, language Macedonian. Идентитетот гарантиран. И меѓународните кодови МК и МКД ќе бидат обезбедени.

Грција, од држава во која сме во спор – станува наш подржувач. Ќе ја имаме нивната поддршка, ќе се зајакне економската соработка, ќе се интензивира трговијата, ќе биде наш промотор во Европа и Светот.

Заради овие историски придобивки, заради ваквата гаранција за развој на Македонија, заради гаранцијата за влез во НАТО и ЕУ, заради гаранцијата за идентитетот македонски – ќе прифатиме севкупна употреба на името Република Илинденска Македонија како и заради зајакнување на меѓуетничката кохезија.

Спроведувањето на употребата на новото име за внатрешна употреба би се реализирало во фази, етапно, онака како што ќе напредуваме низ преговорите за членство во ЕУ, а ќе се обезбеди преку референдум и преку уставни амандмани.

Почитувани граѓани,

Јас донесов одлука и стојам стопроцентно позади стремежот да успееме како народ, како држава, како идеја! Верувам во ова решение, подготвен сум да водам и ќе водам напред.

Јас сум Македонец и ве повикувам сите, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, и сите други, АМА СИТЕ – следете ме и поддржете го можното решение за 25 годишниот спор кој ја влечеше Македонија надолу конечно да го решиме.

Ајде сите заедно да ставиме печат на безбедноста, стабилноста и развојот на нашата Македонија.

Ајде сите заедно да поддржиме решение кое гарантира економски просперитет и унапредување на идентитетот.

Сега е моментот, ги повикувам сите политички сили во општеството, сите групи и заедници – приклучете се, да ја искористиме оваа историска шанса за дефинитивен заеднички успех за Македонија.

Чесно на крајот да кажам дека ова треба да биде секако прифатено и од страна на Грција. Не дај Боже. Ако не биде прифатено од било која страна, остануваме посветени се додека не најдеме решение прифатливо и за нас и за Грција.