Започна Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“

Сподели

 

Во Даут-пашиниот амам вчеравечер беше отворено 11. издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, на кој беа претставени делата на еминентни автори од регионот. На отворањето присуствуваа писателите: Драго Јанчар, Ренато Баретиќ, Даница Вукиќевиќ, Слободан Шијан, Владимир Левчев, Тарик Туфан и Снежана Младеновска-Анѓелков. Со гостите писатели разговараа Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски.

Фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ годинава одбележува и 10-годишнина на програмата „Скопје фелоушип“, на која учествуваат седуммина професионалци од врвни книжевни агенции и издавачки куќи. Оваа програма годинава е дел од меѓународниот проект „Читај, сподели, уживај!“. Се реализира во соработка со КУД „Содобност“ од Словенија, а е кофинансиранa од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. На програмата ќе учествуваат: Роберто Домингез Моро (А.Ц.Е.Р, Шпанија), Марија Анџела Ферари („Саси едиторе“, Италија), Ника Мушич (КУД „Содобност“, Словенија), Орели Бонту-Рош („Либела“, Франција), Мауро Спањол („Букс евривер“, Италија), Јерг Зундермајер („Фербрехер ферлаг“, Германија) и Андреа Џентиле („Ил саџаторе“, Италија).

Денеска и утре (18 и 19 септември) членовите на програмата „Скопје фелоушип“ ќе се сретнат со претставници од Македонската асоцијација на издавачи и други домашни издавачи. Членовите на програмата, исто така, ќе имаат можност да се информираат и за конкурсот за финансирање преводи на странски издавачи од Министерството за култура.

Вечер (18 септември) во 20 часот во Европската куќа во Скопје ќе се одржи тркалезна маса на тема „Литературата како (де)конструкција на стварноста“, што ќе ја води Владимир Јанковски. Во чест на режисерот Слободан Шијан, на 20 септември во 20 часот во Кинотеката ќе биде прикажан филмот „Кој тоа таму пее“. Пред проекцијата ќе разговараат Прокопиев и Шијан.

Лауреат на наградата „Прозарт 2023“, што фестивалот ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, е словенечкиот писател Драго Јанчар.