Од 3 до 6 септември, во организација на Македонскиот културно-информативен центар во Тирана, се одржа Недела на македонската култура во Албанија.

– Со учество на повеќе од 70 уметници од Македонија, во Тирана, Драч и Корча се одржаа настани за паметење, проследени од многубројна публика. За програмата известуваа бројни албански медиуми, а македонските уметници гостуваа и во емисии на националната телевизија „Топ чанел“ – информира директорката на КИЦ во Тирана, Ема Попивода.
Последниот ден, програмата во Старата чаршија опфати изложба на фотографии „Убавините на Преспа“, монодрама посветена на Крсте Петков Мисирков, афоризми на македонски јазик и настап на фолклорното друштво „Преспа“, придружени со музички настапи на македонски изведувачи.
На сите настани присуствуваше и националниот координатор за интеркултурализам, развој на културата и меѓуресорска соработка, Абаз Селмани, со што беше потврдена институционалната поддршка за културната соработка меѓу Македонија и Албанија.
Неделата на македонската култура предивика големо внимание кај публиката и медиумите, претставувајќи ја македонската култура преку музиката, поезијата, фотографијата, театарот и фолклорот.
Манифестацијата беше реализирана со поддршка од Министерството за култура и туризам на Македонија, Амбасадата на РС Македонија во Албанија и Министерството за туризам, култура и спорт на Албанија.


