Денес, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, заедно со премиерот Мицкоски и министерот за култура се означи почетокот на градежните активности за реконструкција на Универзалната сала.

“Ова е момент кој Скопје долго го чекаше. Премногу време овој процес беше закочен, премногу време стоеше во место, а скопјани останаа без еден од најпрепознатливите симболи на градот. Универзалната сала е спомен на солидарноста, на пријателството и на човечноста, изградена по разорниот земјотрес како доказ дека Скопје никогаш не било само и дека секогаш знаело да се издигне. Многумина во минатото имаа можност да го вратат достоинството на овој простор, но како што е познато – само Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ гради, создава и ја развива државата.

Затоа, сакам да упатам искрени честитки и благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за силната поддршка, визијата и одлучноста овој проект конечно да се придвижи. Благодарност и до министерот за култура, Зоран Љутков, за посветеноста и за конкретниот придонес во реализацијата на оваа важна инвестиција за Скопје и за македонската култура”, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
“Универзалната сала е дел од колективната меморија на нашиот град. Тука се одржувале концерти, фестивали, претстави и настани кои оставиле трага во животот на многу генерации. Речиси секој скопјанец има свој спомен поврзан со ова место. Затоа нејзината обнова не значи само реконструкција на една зграда, туку враќање на еден важен дел од душата на Скопје, додаде Ѓорѓиевски.
Проектот за реконструкција на Универзалната сала ќе се реализира по принципот „клуч на рака“, со што се обезбедува целосна изведба и подготвеност за употреба без дополнителни интервенции. Реконструкцијата е планирано да заврши до април 2028 година. Овој проект претставува еден од клучните чекори во подготовките на Скопје за освојување и достојно носење на престижната титула Европска престолнина на културата 2028.

Со обновениот изглед, Универзалната сала ќе прерасне во модерна, функционална и репрезентативна културна институција, способна да биде домаќин на врвни театарски претстави, концерти, фестивали и други значајни културни настани. По завршувањето на реконструкцијата, објектот ќе биде целосно предаден во владение на Град Скопје, како простор кој повторно ќе им служи на граѓаните, на уметниците, на младите и на сите генерации што ја сакаат културата.”


