Започнува пријавувањето за 17. Виз Ер Скопски Маратон 2021

Сподели

 

Месец октомври и оваа година посветен на најмасовниот спортски настан во Македонија

 

Организаторите на Виз Ер Скопски Маратон 2021, со полна пареа работат на овогодинешното 17-то издание на маратонот, кој низ годините прерасна во најмасовен спортски настан и од година во година привлекува се поголем број на учесници.

Од настан кој се организираше еден ден во годината, оваа година изненадување за тркачите и љубителите на спортот е тоа што маратонот ќе се реализира како дводневен настан.

Виз Ер Скопски Маратон 2021 ќе се одржи на 2ри и 3ти октомври, а почнувајќи од денес, 29 јуни 2021 година, од 10:00 часот официјално започнува пријавувањето на учесниците, кое ќе биде отворено до 15 септември 2021 година, односно до пополнување на предвидениот број на учесници. 2ри октомври, оваа година ќе биде резервиран за трката на 5км, со старт од 17:00 часот, а во недела, на 3ти  октомври, од 8:00 часот наутро ќе се трчаат маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон – ЕУ за спорт.

Од организацијата информираат дека сите тркачи кои поради пандемијата, своите пријави за маратон и полумаратон од 2020 година ги префрлиле за 2021 година, преку електронска пошта ќе добијат код за регистрација, за да може да ја искористат бесплатната котизација за настанот оваа година. Доколку некој биде спречен повторно да не учествува и оваа година, ова право ќе може да го искористи за маратонот во 2022 година. Оние учесници кои биле пријавени за трката на 5КМ во 2020 година, која беше одложена, автоматски ќе се префрлат за оваа година со истиот стартен број кој го добиле.

Пријавувањето за Виз Ер Скопскиот Маратон 2021 може да се направи на официјалната веб страна www.skopskimaraton.com.mk, каде може да се најдат и сите други информации за настанот.

Организаторите на маратонот, Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со Атлетски Клуб „Работнички“ од Скопје ги повикуваат сите љубители на спортот и трчањето, да ја искористат можноста и да се пријават на овој спортски настан.

Трката ќе биде организирана според безбедносните протоколи и препораки утврдени од Владата и Комисијата за заразни болести, со цел заштита на учесниците и организаторите.