Започнува програмата на манифестацијата „Крива Паланка – град на културата“

Сподели

 

Општина Крива Паланка за првпат годинава ја организира манифестацијата „Сусурига 2024“, што ќе се одржи на 16 март (сабота) со почеток во 18:00 часот на Градскиот плоштад, со што и официјално започнува програмата на „Крива Паланка – град на културата 2024“.

Организаторот информира дека манифестацијата е посветена на празникот Прочка, а целта е заживување на згаснатата традицијата за маскирање и ритуално палење оган, познато како  „сусурига“, назив  што се среќава единствено во  Крива Паланка.

На 23 март (сабота) во 20:00 часот, пак, ќе се одржи концертот на популарната македонска музичка дива Каролина Гочева, со проектот „Македонско девојче“, и Никола Мицевски, кога и свечено ќе биде отворена манифестацијата „Крива Паланка – град на културата“.

На 24 март (недела) во 12:00 часот ќе се одржи традиционалната, уникатна манифестација што ја негува традицијата од овој крај – „Невестинско поклонение“.

„Како носител на оваа престижна титула, Крива Паланка ќе биде центар на културата во државата, што ќе ја стави на пиедестал нашата мала општина преку богатиот и разновиден репертоар настани за сите генерации и сите уметнички вкусови“, информираат од Општина Крива Паланка, од каде што додаваат дека во програмата на манифестацијата „Град на културата“ ќе бидат застепени над 50 настани од сите дејности.