Колумна Текстови

ЗАПУСТЕНА ДРЖАВА – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели:

Се уште не беше избрана новата влада, а многумина политички аналитичари и колумнисти, противници на груевистичкиот режим, секој од свој аспект сугерираа што би требало да биде прв чекор на идниот премиер.

Некој сметаа дека прва и итна задача треба да бидат промените, односно смените во судството, без кои што сите други најавени реформи не би можеле  да започнат да се реализираат, како и одговорност и за оние што вршеа политички и криминални злоупотреби на власта во изминатава деценија. Други предупредуваа на катастрофалните економски состојби, наведувајќи дека со прекумерните внатрешни и надворешни долгови, неконтролираното и расипничко трошење на буџетот, извршениот грабеж на народниот имот, државата се наоѓа пред финансиски колапс и дека без ефикасни интервенции во економската политика, нејзиниот натамошен развој е доведен во прашање. Трети, првин бараа да се расчисти хаосот во здравството и образованието од што зависи животната судбина на луѓето и младите генерации. За повеќето, разбирливо, како прв приоритет беа назначени евро-атлантските интеграции, бидејќи без безбедносните гаранции на НАТО, Македонија може брзо да се најде во вителот на балканските ветрометини.

Тогаш, од каде да се започне за да се создадат колку-толку пристојни услови за излез од постојниот ќор-сокак?

Испречен пред такви дилеми, еден пензиониран професор на социјалните мрежи, состојбите во државата ги спореди со запустена куќа, непроветрена и мувлосана, со расфрлен смет насекаде, со напластени пајажини на таваните и ѕидовите, со покуќнина што се распаѓа и електрична инсталација во дефект. Во таква куќа, напомна професорот, ситни поправки, крпеници, метли, и миеници тука не помагаат. Новиот станар нема поинаков избор, освен да изврши нејзино целосно реновирање.

Среќна околност е што кабинетот на Заев уште од првиот ден стана свесен дека проблемите што треба да се решаваат, имаат подеднаква важност и приоритет. Впрочем, во извештајот на ПРИБЕ, тие беа прецизно маркирани како суштински точки за неопходниот државен ремонт:  длабински и сеопфатни демократски реформи во сите општествени сегменти, без одлагање, компромиси и тактизирања. Системот на груевистичкото владеење мора да се сосече од корен, за да никогаш повеќе не добие можност да се реставрира.

Во тој поглед првите владини интервенции носат охрабрување: се укина екстерното тестирање за средношколците, сменет е државниот јавен обвинител Зврлевски, еден од блокаторите на голем број истражни дејствија во областа на организираниот криминал, најавен е реизбор на одделни компромитирани судии, ставени се на преиспит повеќе мерки во неефикасниот здравствен систем, меѓу кои и проектот “Мој термин”, се отвори јавна дебата за судбината на некои споменици и објекти од кичерајската авантура “Скопје 2014”, се подготвуваат законски прописи за рамноправен третман на странските и домашните инвеститори, за поефикасно користење на земјоделските субвенции, како и многу други зафати во областа на науката и културата, во транспортот, енергетиката, финансискиот сектор.

И најбитно од сѐ, поведена е широка меѓународна дипломатска офанзива за повторно враќање на евро-атлантскиот пат, намерно напуштен и обезглавен изминатава деценија со бесмислени идеи за македонска реориентација кон Путиновските далекуисточни трансверзали. Тој настап, широко поздравен и поддржан од меѓународната заедница, отвора перспективи нашата држава до вчера означувана како ризична и ранлива безбедносна зона на Балканот, да прерасне во негов стабилизирачки фактор и посакуван сосед на околните држави.

Според тоа, на дилемите од каде да се почне, владата на Заев одговори конкретно и без двоумеење. По десетгодишна стагнација и разочараност, не постои поважен приоритет од враќање на довербата на граѓаните во сопствената држава. Нивните животни проблеми да не бидат користени како празни изборни прокламации, туку да станат секојдневна обврска и грижа на власта да се решаваат навремено, одговорно и успешно!

 

Сподели: