Колумна Став Текстови

Образовниот систем во Македонија: вистинска научна заедница или фарса? – Артан Лимани

 

Деполитизацијата и акцентот на научни истражувања ќе го насочат образованието на правиот пат.

 Артан Лимани

Зборот универзитет потекнува од латинскиот збор „universitas” што значи научна заедница или заедница на научници или мислители. Првите регистрирани заедници на студенти и професори се сметаат дека се случиле во Универзитетот Ал-Каравијин во Мароко и во Универзитетот во Болоња во Италија. Се верува дека првиот докторат е издаден пред околу 800 години од страна на Средновековниот европски универзитет, од каде институцијата универзитет се развила во систем за создавање знаење и цивилизација. Според Блесингер, од педагошка гледна точка, схоластиката, користејќи го дијалектичкиот разум за да се дојде до вистината, била најупотребуван метод на тогашниот универзитет. Од периодот на ренесансата па наваму, хуманизмот, фокусирајќи се на критичкото размислување и емпириските набљудувања, стана составен дел од наставата и учењето.

Универзитетот како цивилизациска придобивка

Високото образование отсекогаш имало клучна улога во општествениот и економскиот развој на земјите. Денес универзитетите се сложни екосистеми кои се фокусирани на истражување (research universities), либерални уметности (liberal arts), универзитетски колеџи (community colleges) и политехнички универзитети. Сите овие, од самото основање, функционирале врз основа на матрици за иновации со цел да се модернизираат и да ги привлечат најдобрите студенти и наставници во светот. За илустрација, некои од нив се светски познати како Харвард, МИТ, Оксфорд, Кембриџ, ЕТХ Цирих, Хумболт во Берлин, Сорбона во Париз и други.

Што ги прави овие универзитети толку иновативни и прогресивни што тие се светски лидери во високото образование? Одговорот е едноставен: интеграцијата на развојот на истражувањето, наставата и учењето во нивната мисија и визија. Понатаму, спроведувањето на овие елементи во било која студиска програма би ги одржала во живот постојаните обиди за иновации преку истражувања во заедницата, професионалниот развој на наставниците, систематска промена на студиските програми и воспоставување врски помеѓу универзитетите, со граѓанските организации, малите и големите претпријатија, како и со глобалните компании.

Модерниот универзитет, каков што ни е познат денес, своите почетоци ги има во раниот 19-ти век со основањето на Универзитетот во Берлин или, како што е познат денес, Универзитетот на Хумболт во Берлин. Во центарот на Хумболтскиот модел е холистичкиот развој на студентите преку истражување и студии. Овој модел ги спојува уметноста и науките со истражувањето со цел да се постигне знаење во одредено поле, како и развој на општата култура на студентот. Вилхелм фон Хумболт, кој во периодот на пруските реформи бил заинтересиран за подигнување на нивото на цивилизацијата на средната класа, го промовирал општото образование како дел од универзитетските студии. Тој силно верувал дека студентите не можат да станат занаетчии, трговци, војници или претприемачи, доколку не се образовани и доволно информирани. Тој бил сигурен дека ако студентот помине еден период на цивилизациски развој и со општо познавање за светот и неговите култури, би ги стекнал професионалните вештини многу полесно. Исто така, според него, човек со вакви високи цивилизациски атрибути, би можел слободно да премине од една во друга професија. Вилхелм фон Хумболт е познат како највлијателниот човек во германското образование, а јас слободно би кажал и во целиот свет, бидејќи неговиот модел заснован на холистичкото образование на студентот и комбинацијата на истражување со наставата, денес e моделот коj се применува во САД во автентична форма.

Парадоксално е што после Втората светска војна, кога биле отворени и најголем број на универзитети во Европа, истите не го примениле овој модел, туку напротив, европскиот универзитет бил фокусиран на филозофскиот аспект на науката и следствено на тоа пристапот на предавачите кон науката бил апстрактен, а не практичен како во САД. Иако универзитетите како Оксфорд и Кембриџ во Англија се високо рангирани на листата на високото образование, сепак високото образование во САД останува да биде лидер по квалитетот на наставата, учењето и истражувањата, токму заради Хумболтскиот модел кој се применува во наставата, во комбинација со истражувањата. Образованието засновано на „либералните уметности” (Liberal Arts) се базира на Хумболтскиот модел и како резултат на тоа, САД има функционална демократија заснована врз индивидуата и е лидер во иновациите за редизајн на работнoтo место. Да не заборавиме дека најзначајниот развој на четвртата индустриска револуција настанал во САД.

Obrazovniot sistem vo Makedonija vistinska naucna zaednica ili farsaИзвор: 1tv.mk

За поздрав е големото движење што се случува моментално во ЕУ кое очигледно се враќа на Хумболтскиот модел. Истражувањето иницирано од Асоцијацијата на европските универзитети (ЕУА) во 2019 година со наслов „Улогата на универзитетите во регионалните иновативни екосистеми”, забележува дека вештините на човечките ресурси потребни за имплементација на регионалните иновативни екосистеми се токму тие кои се спомнати погоре. Универзитетите посетени од асоцијацијата покажале дека иновативните промени кои ги применуваат се базирани на воведување на интер-дисциплинарноста во студиските програми. На пример, Техничкиот универзитет во Минхен (ТУМ) има воведено модули за социјални науки и хуманистички науки во инженерската студиска програма. Новата и флексибилна студиска програма за избор на интер-дисциплинарните предмети на Универзитетот Сорбона во Париз привлекол најмногу студенти од кога било досега.

Последните промени во ЕУ, кои им даваат поголема автономија на универзитетите да одлучуваат за нивните студиски програми, овозможија Чешкиот универзитет Масариков да создаде нова структура за развој на интер-дисиплинарните вештини кај своите студенти. Накратко, повеќето универзитети во ЕУ веќе стекнаа прагматичен пристап кон универзитетското образование и им нудат на своите студенти мултидисциплинарен пристап кон стекнувањето знаења. Студиите се организираат за да им се овозможи на студентите да развиваат претприемачки вештини без оглед на тоа што студираат. Значи, студентот можеби студирал градежништво, но во студиската програма билe интегрирани „животни вештини“ (life skills) како и можност покрај граѓанскиот менталитет да се развие и претприемачкиот менталитет. Значи, во ЕУ се прави промена на парадигмата во однос на универзитетските промени во студиските програми, за да им овозможи на студентите да го развијат својот општ карактер како граѓани и дополнителните вештини за да можат да се соочат со предизвиците на еден свет полн со чести промени. 

Како е кај нас?

Како се организирани универзитетите во нашата земја во споредба со оние во ЕУ и САД? За жал, универзитетите тука кај нас се производ на комбиниран систем – комунистички и неолиберален. Велам „комунистички“ затоа што се до сега не се случија тие темелни промени кои се очекуваа како дигитализација на администрацијата и администрирањето со образовниот процес (на пример, индексите до сега требаше да бидат дел од минатото а и многу други административни процедури). Тука не изостанува ниту самиот однос професор-студент кој исто така треба да претрпи суштинска промена каде што студентите би станалe дел од истражувачките тимови водени од самите професори. По осамостојувањето на државата, државните универзитети потпаднаа под влијание на политиката, а приватните беа основани како профитабилни. Денес, државните универзитети не се како гореспоменатите, ниту како тој од раниот век, ниту како оној од средниот век, па дури ниту како оној на Европа по Втората светска војна.

Промената мора да започне од деполитизација како прва фаза со цел да се отвори широк дијалог каде преку законски измени ќе се бара поголема автономија во одлучувањето. Понатаму, втората фаза треба да се фокусира на иновациите преку „диверзификација на студиските програми“ за да се обезбеди мултидисциплинарен пристап кон учењето. Третата фаза е да се зголеми мобилноста на домашните и странските студенти, како и предавачи. Уникатен елемент коj треба да го примениме во делот на студиските програми е воведување на предметот научни истражувања во целата универзитетска програма.

Студентите мора да научат да истражуваат

Ова е специфичен пристап кон изготвување на студиските програми и е познато како глобално академско движење наречено „Научните истражувања како составен дел на студиската програма“. Со него се предвидува дека покрај задолжителниот предмет „научни истражувања” како посебен предмет, истиот би се вовел и како составен дел на сите други предмети. Како резултат, кога ќе дипломира еден студент, тој или таа ќе имаат доволно знаење за научни истражувања како основи на академскиот процес. Подоцна, кога студентите ќе одлучат да се запишат на магистерски или докторски студии, тие ќе имаат стекнато вештини за да се соочат со строгите барања за напредни научни истражувања, кои исто така мора да бидат воведени бидејќи не постојат како такви.

Сето ова ја отвора Пандорината кутија, бидејќи со себе ја носи и потребата за пристап на студентите и предавачите до онлајн глобалните библиотеки, кои треба да бидат обезбедени од страна на секој јавен или приватен универзитет. Во кутијата ќе го откриеме и неизбежното што укажува дека заради пристапот до овие глобални библиотеки и поради потребата да се зголеми мобилноста на студентите и предавачите, англискиот јазик треба да биде клучен за оваа развојна матрица. Значи, очигледно, имаме две опции, а тоа е: да преживееме променувајќи се себеси или да се дезинтегрираме засекогаш од глобалното општество на знаењето.

Несомнено дека иновацијата преку диверзификација на студиските програми со мултидисциплинарен пристап ќе ни помогне и во воспоставување и функционирање на демократијата во државата, за што имаме потреба повеќе од кога било досега. Како резултат, универзитетите ќе произведат кадри кои би го зајакнале граѓанскиот сектор или еден од трите столба на општеството. За ова исто така пишувале и Блесингер, Енакши и Мехони во својот напис „Високото образование за подобро граѓанско општество“ и укажуваат на тоа дека трансформацијата на студиските програми за воведување на општествена одговорност (social responsibility) и одржлив развој (sustainable development) мора да се случи брзо. Тие исто така се осврнуваат на заменик-ректорот на Универзитетот на „Вест оф Скотланд”, кој вели дека доколку универзитетите немаат општествена одговорност, нема да имаат ниту иднина.

За крај, нам ни останува да расчистиме со минатото и да создадеме прогресивни образовни политики кои ќе овозможат со универзитетите да раководат оние кои поседуваат суштинско познавање за научното истражување. Да се раководи со универзитет значи да се води голема група на научници и да се мотивираат да започнат автентично научно истражување, како и иновации во наставата и учењето. Како резултат на оваа неправилност во системот, се соочуваме со појава во која магистерските и докторските тези често наликуваат на „писмена работа” од средните училишта во 90-тите. Ова треба да запре веднаш, бидејќи со отпочнувањето на преговорите со ЕУ, последиците ќе бидат огромни.

respublica.edu.mk

Сподели: