Заврши Вториот Конгрес на медицинските сестри со меѓународно учество

Сподели

 

Изминатиов викенд од 13-ти до 15-ти октомври се одржа вториот Конгрес на медицинските сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри, со меѓународно учество, на тема „Здравствената нега – научна дисциплина“.

 

Унијата на ЗМСТАС предводена од здружението „За нас“, оваа година како рамноправна членка на Балканската Асоцијација на Медицински Сестри, го организираше овој настан на кој присуствуваа околу 400 учесници, предавачи и соработници.

Конгресот започна во преполната конгресна сала во хотел „Дрим“, Струга, со свеченото отворање на 13-ти октомври, петок, со интонирање на македонската химна.

 

 

„Со овој конгрес се приближуваме чекор понапред во желбата да ги прикажеме медицинските сестри во друго светло, со прилика за истражување во сестринството бидејќи здравствената нега е научна дисциплина.“ (Бешлиовска)

Официјалниот дел го отвори м-р Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата на ЗМСТАС и ЗМСТАС „За нас“, по што следеше видео обраќање од претседателот на Р.С. Македонија, г-динот Стево Пендаровски.

 

„Иако не сум во можност лично да бидам дел од овој Втор меѓународен конгрес на медицински сестри, ви благодарам за поканата и за можноста да ви се обратам преку видео порака за да ви посакам успешна работа. Најпрво, сакам да ја поздравам соработката што ја остварувате со професионалните здруженија од регионот и пошироко, што претставува  одлична можност за размена на знаења со вашите колеги и споделување на нови стручни достигнувања и практики, преку кои, уверен сум, придонесувате за унапредување на сестринството.“

 

 

Следеа говори на почесните гости од земјава и регионот: претседател на БАМС г-н Горан Мошиќ, г-ѓа Живана Вуковиќ Костиќ – ЗМСА – Бања Лука, Република Српска, г-ѓа Раденка Ќираковиќ – ЗМС Лозница – Србија, г-н Мевљудин Бабаиќ – „ПУЛС“ – Босна и Херцеговина, г-ѓа Мирјана Блануша – „Ескулап“ – Белград, г-н Адриано Фригановиќ – претседател на ESNO –  Хрватска, г-ѓа Гордана Димеска – офицер за сестринство во Министерсво за здравство на РСМ, г-ѓа Ирена Нечовска – „Славјанка Влахчева„ – Скопје, г-ѓа Наџие Фетаи – „Флоренс Најтингејл“ – Тетово.

 

ЗА ПРВ ПАТ ДОДЕЛЕНИ ОДЛИКУВАЊА ОД ПРВ РЕД „СЛАВЈАНКА ВЛАХЧЕВА“

На свечената церемонија за прв пат беа доделени и плакети, односно одликувања од прв ред во име на првата македонска медицинска сестра „Славјанка Влахчева“, со поддршка на општина Штип и согласност од семејството Влахчеви. Првите добитнички на овие повелби беа сестра Јулијана Маџовска и сестра Роза Рулеска Пиличева.

Официјалниот дел од конгресот го отвори проф. д-р. Драган Мијаковски со стручниот соработник – дипломирана мед. сестра Јованка Арсовска од Институт за медицина на труд – Скопје, со предавање на тема „Стрес поврзан со работата и квалитет на услугите за пациентите“.

 

 

Првиот ден заврши со интернационална вечера и дружење со КУД „ Мислешево“ од Струга.