Што сè бара СЈО, а институциите не му даваат?

Сподели

Одбивањето на Основниот суд 1 на СЈО да му го достави записникот од спогодбата на Звонко Костовски е една од многуте опструкции или несоработки со кои се соочува кабинетот на Катица Јанева.

Претходно, Судот го одби барањето на СЈО да издаде судски налог, во рамките на случајот „Таргет“, за претрес на компјутерските системи во еден од телекомуникациските оператори, не издаде налог за одземање компјутери од УБК и инсистира СЈО да добие дозвола за користење на класифицираните податоци во судскиот процес за „Тврдина 2“. Во оваа низа влегуваат и одбивањата да му се дадат на СЈО предмети за случаите „Маѓар телеком“ и „Сопот“, како и одбивањата на најголем дел од барањата за притвор.

Ова се случува иако државните институции имаат законска обврска да соработуваат и да му помагаат на Специјалното јавно обвинителство, кое, според законот со кој е уредена неговата работа, меѓу другото, има право да врши „преглед на сите достапни документирани докази од кој било извори“ и на „добивање на сите безбедносни ослободувања за преглед на доверливи информации и информации кои не се достапни за јавноста“.

„По писмено барање од Јавно обвинителство (СЈО, н.з.), јавните обвинителства (редовните, н.з.) се обврзани, во рок од 8 дена, да предадат кој било предмет по кој постапуваат за да се одлучи дали предметот спаѓа во надлежноста на специјалниот јавен обвинител, согласно неговите/нејзините овластувања определени со овој закон“, стои во ставот 2 од членот 11 на Законот за СЈО.

Ваквата континуирана несоработка беше нотирана и во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, во кој беше наведено дека „работата на СЈО продолжува во практика да биде попречувана и да е постојана мета на критики од Советот на јавни обвинители и од владејчката партија (ВМРО-ДПМНЕ, н.з.)“.

„Работата на Специјалното јавно обвинителство не смее да биде опструирана. Во годината што следува, земјата треба да овозможи целосна поддршка и ресурси за Специјалното обвинителство“, се додава во извештајот на Европската комисија.

Еве ги институциите и опструкциите со кои се соочува СЈО:

Основен суд Скопје 1 (Кривичен суд)

  • Го одби барањето на СЈО да издаде судски налог, во рамките на случајот „Таргет“, за претрес на компјутерските системи во еден од телекомуникациските оператори заради обезбедување податоци и докази во врска со телефонските броеви што биле цел на незаконското следење на комуникациите;
  • Го одби барањето на СЈО за одземање компјутери од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК);
  • Одби најголем дел од барањата за притвор и за други мерки против дел од досега осомничените во случаите што ги води СЈО;
  • Одбива да го достави записникот од спогодбата на Звонко Костовски, осуден во случајот „Пуч“ за помагање, со кој тој ја признава вината.

Јавно обвинителство и Совет на јавни обвинители одбиваат на СЈО да му ги додат предметите за:

  • „Сопот“ – судски процес во врска со подметнатата експлозивна направа, од која во 2003 година загинаа двајца припадници од контингентот на НАТО и еден македонски државјанин, за што подоцна беа осудени 11 Албанци;
  • „Маѓар телеком“ – случај во кој поранешни високи државни функционери се осомничени дека примиле поткуп за да не дозволат влез на трет мобилен оператор во земјава пред десетина години;
  • Случај „Верушевски“ – предмет против поранешниот директор на УБК, Зоран Верушевски, за незаконско поседување оружје, и против неговиот син, кој се товари за производство и за диструбиција на детска порнографија;
  • Предметот против новинарот и сопственик на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски, кој е поврзан со случајот „Шпион“.

Претходниот состав на Собранието, односно пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, одбија:

  • Да го поддржат продолжувањето на мандатот, односно рокот за истраги и за поднесување обвиненија на СЈО;
  • Да ги усвојат измените на Законот за заштита на сведоци што ги бараше Јанева.

meta.mk