Зеленски пред ОН ја обвини Русија за најголемите злосторства по Втората светска војна

Сподели

 

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во говор пред Советот за безбедност на ОН ја обвини руската војска за вршење на најголемите злосторства по Втората светска војна, посочувајќи на егзекуции на цивили и прегазување луѓе со тенкови од страна на руската војска „за забава“.

Во обраќањето полно со емоции кое го направи еден ден по посетата на Буча, каде беше извршен грозоморен масакр на стотици луѓе од страна на руската војска, украинскиот претседател дури го стави под прашалник и самото постоење на Советот за безбедност, јавува Си-Ен-Ен.

Зеленски рече дека делата на Русија не се разликуваат од оние на терористичка група, освен во тоа дека Русија е постојана членка на Советот за безбедност. Постојаното место во ова тело на ОН значи право на вето, што Русија го искористи и за да ја блокира резолуцијата со која се осудува инвазијата на Украина.

Зеленски беше многу директен кога ги оспори постапките и ингеренциите на ОН.

„Каде е безбедноста што Советот за безбедност треба да ја гаранатира? Ако ја нема, нема ниту Советот за безбедност“, рече Зеленски.

Тој побара ОН или да ја отстрани Русија „како агресор и извор на војна за таа да не може да ги блокира одлуките за нејзината агресија, нејзината војна“ или „ако нема алтернатива и други опции, тогаш наредната опција би била целосно да се расформирате“, порача претседателот на Украина во обраќањето до Советот за безбедност.

„Јасно е дека клучните институции на светот создадени да се борат со агресијата и да го гарантираат мирот не можат ефективно да работат“, рече Зеленски во осудувачкиот говор.

Тој обвини дека нема „ниту еден криминал“ што Русите „не би го сториле“, наведувајќи дека руските војници „барале и намерно убивале секој што ѝ служел на нашата земја“.

По говорот, тој прикажа фотографии и видео со слики на мртви тела на Украинци, од кои некои изгорени и деформирани.

Во видео-обраќањето, украинскиот претседател предупреди и дека ужасот посведочен во Буча ќе се повтори во други градови на Украина и побара одговорност, како и „целосни и транспарентни истраги и безбедносни гаранции за Украина“.

На сите обвинувања и приложени фотографски и видеоматеријали од страна на Зеленски, рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензии одговори со директно негирање на руска вина. Тој рече оти нема докази дека руски војници ги извршиле тие злосторства.

„Ние слушнавме уште еднаш големо количество лаги за руските војници и војска“, изјави тој.

Во меѓувреме, и Индија, којашто досега беше поприлично дистанцирана од ситуацијата во Украина и осуда на Русија, се огласи „недвосмислено“ со остра осуда за „убиствата во Буча“ и се придружи на повиците за независна истрага за „длабоко вознемирувачките извештаи“.

Според градоначалникот на Буча, руските трупи брутално убиле 320 цивили.

ЕУ и САД, пак, се подготвуваат за нови санкции по наводите за воени злосторства во Буча. Министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, исто така, се собираат за дводневен состанок во Брисел за постигнување договор како да се поддржи Украина во следната фаза на конфликтот.

Во меѓувреме, во Украина драстично се влошува хуманитарната ситуација во градот Мариупол./meta.mk