Жртва на „Јавна соба“: Доста молчиме, ова не е наш срам!

Сподели

 

Деновиве повторно стана актуелна темата со недозволено ширење на фотографии и лични информации на девојки во групата наречена „Јавна соба“ на Tелеграм, откако девојки објавувани во истата ја обелоденија приказната и престапниците ги пријавија во полиција.

Една од девојките кои се објавени таму е и 28-годишната Ана. Таа вели дека го пријавила случајот во полиција, заедно со објавата и сите оние податоци од пораките и повиците кои ги добивала.

Видно вознемирена, таа зборува за целата случка, како била земена нејзина фотографија од нејзиниот профил од Инстаграм и дека покрај тоа бил објавен и нејзиниот телефонски број, при што започнало вознемирувањето.

“Почнав да добивам пораки и повици на мојот мобилен, на Вајбер, на Ватсап, на Месинџер и на Инстаграм. Не знаев што се случува и од каде доаѓа тоа. Се додека наредниот ден не добив скриншот од мојата слика, зашто таа слика не само што беше објавена во „Јавна соба“, туку е препраќана и на други места. Не знаев што да правам, испаничив, се преплашив, никогаш не сум доживеала такво нешто. Отидов во оддел за сајбер криминал да пријавам. Им ја покажав сликата, ги покажав пораките и повиците, дека имам со име и презиме луѓе кои ми пишуваа и ѕвонеа. Кога слушнаа дека сум полнолетна, рекоа дека законот во нашата држава не може ништо да направи, бидејќи е само за малолетници. Бев беспомошна и бесна. Не знаев каде да се обратам. Изгубив секаква надеж, се разочарав. Малку се повлеков, еден ден, но потоа продолжив со животот, иако пораките и повиците не престанаа и уште не се престанати. Кое ниско ниво на морал е тоа? Единствено што можам да кажам е дека беше доста, претходно имаше многу жртви во вакви ситуации, ова треба да престане. Треба да се донесе закон што ќе не штити од ваков криминал. Секој еден може за нас да објави и напише што сака. Доколку се случи такво нешто на некоја ваша блиска личност, немојте да осудувате, но немојте и да молчите. Време е да прозбориме и ваквите ситуации да престанат” – сведочи Ана.

Таа им се обрати на сите девојки кои поминале или во моментов поминуваат низ истото, дека време е да престанат со молчењето.

–” Ова не е ваш срам. Ова е срам на некој друг кој сакал да ви наштети, на кој намерата му е да се повлечете, да не излегувате надвор, да немате социјален живот, да си ги нарушите односите со фамилијата, партнерот, пријатели, на работа, да паднете психички – немојте да дозволите, главата горе, не сте вие виновни што користите социјални мрежи, туку оние кои тоа го злоупотребуваат” – вели 28 годишната Ана.