ЗНАМ со зајакнати позиции во новата Влада

Сподели:

Претседателот Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски на денешната прес конференција соопшти дека ЗНАМ во Владата ќе раководи со Министерството за јавна администрација и со Министерството за земјоделие, а ќе добие и уште еден заменик министер во едно влијателно министерство. Министеството за јавна администрација ќе продолжи да го води досегашниот министер Горан Минчев, а со Министерството за земјоделие ќе раководи Борче Серафимовски, актуелен државен секретар во Министерството и Потпретседател на ЗНАМ.

На денешната седница  Извршниот одбор на партијата ги разгледа актуелните политички состојби, процесот на реконструкција на Владата и идните чекори во реализацијата на нашите програмски определби.

„Од самиот почеток кажавме дека политиката за нас нема да биде натпревар за функции, туку натпревар за доверба и испорачување на резултати, во интерес на граѓаните и државата. Токму затоа, кога се создадоа услови да бидеме дел од Владата, не калкулиравме. Не ги баравме најлесните ресори, ниту позициите кои носат најмал политички ризик. Свесно ги презедовме Министерството за правда и Министерството за јавна администрација, два ресора кои со години беа симбол на застој, недовршени реформи и нарушена доверба на граѓаните во институциите. Во Министерството за јавна администрација се реализираа суштински реформи кои создаваат основа за професионална, ефикасна и департизирана јавна администрација. Додека, во Министерството за правда беше започнат најобемниот реформски циклус во последната деценија, со јасна цел, правосуден систем кој ќе биде предвидлив, ефикасен и во служба на правдата.

Во разговорите со нашиот владин партнер, ВМРО-ДПМНЕ, околу реконструкцијата на Владата, Движењето ЗНАМ не настапуваше од позиција на тоа колку ресори ќе добие, туку од позиција каде можеме да дадеме најголем придонес за државата.

Во оваа фаза од развојот на Владата, ЗНАМ треба да преземе уште поголема одговорност во секторите кои директно влијаат врз економскиот развој и животниот стандард на граѓаните. По сеопфатна анализа и консултации во рамките на партијата како и со нашите коалициски партнери, денес Извршниот одбор едногласно одлучи Министерството за јавна администрација и понатаму да остане предводено од Горан Минчев, кој во изминатите две години покажа дека реформите
можат да се реализираат со знаење, визија и политичка одговорност. Истовремено, Движењето ЗНАМ ќе го преземе раководењето со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

За министер го предлагаме Борче Серафимовски“, соопшти претседателот на ЗНАМ, Димитриевски.

„Станува збор за човек кој ги обединува академското знаење, менаџерското искуство и практичното познавање на системот. Доктор е по организациски науки, магистер по меѓународни односи, дипломиран бизнис менаџер и дипломиран дефендолог, а во изминатите две години успешно ја извршуваше функцијата државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Она што за нас беше пресудно не се само неговите академски квалификации, туку фактот што доаѓа како човек кој веќе го познава системот, ги познава потребите на македонските земјоделци, ги разбира предизвиците со кои се соочува агросекторот и има капацитет веднаш да продолжи со реализација на започнатите политики.

Нашето мерило ќе остане исто како и до сега, водено од тоа колку институциите се поефикасни, колку реформите се подлабоки и колку граѓаните чувствуваат подобар квалитет на живот. Затоа ќе продолжиме да бидеме конструктивен, стабилен и принципиелен партнер во Владата, нагласи
претседателот на Движењето ЗНАМ” – За Наша Македонија, Максим Димитриевски.

Сподели: