ЗНМ: Осуда за грубите дисквалификации упатени кон новинарката Марина Костова од страна на Агенцијата за филм

Сподели

 

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ги осудува грубите дисквалификации кон новинарката Марина Костова и онлајн медиумот СДК.мк искажани во вчерашното соопштение за медиуми, од страна на Агенцијата за филм, насловено како„Дали во новата милионска драма на Милчо Манчевски главните улоги ги толкуваат Марина Костова, Тања Пепељуговска И Слаѓана Тасев?“.

Агенцијата за филм, вчера преку непотпишано соопштение упатено до медиумите a потоа објавено и на официјалниот „фејсбук пејџ“ на Агенцијата, со низа реторички реченици и прашања, лично ја навредува и дискредитира колешката Марина Костова поради претходните натписи на СДК.мк поврзани со работата на оваа Агенција. Во нивното соопштение се вели дека новинарката Костова е здружена во идејата да ја компромитира работата на Агенцијата и на нејзиниот директор Горјан Тозија без притоа да се аргументираат овие обвинувања туку само преку неосновани констатации и прашања во самиот текст.

Преку ваквата непримерна комуникација со новинари Агенцијата за филм која се финансира пред се од буџетот на државата  и има законска одговорност да биде транспарентна и професионална, илустрира како не треба да се негува професионален однос со новинари кои работат во интерес на јавноста.

Доколку директорот на Агенцијата за филм, ако воопшто тој стои зад ова скандалозно соопштение, имал проблем со начинот на кој известуваат новинарите и медиумите за неговата работа можел да се обрати до Советот за етика или Советот на честа но не и да се користи имиџот и ресурсите на Агенцијата за јавна пресметка со критични новинари.

За овој инцидент ќе биде известен претседателот како и четирите членови на Управниот одбор на Агенцијата за филм, кои се именувани од страна на Владата на Република Северна Македонија и ќе биде побарано од нив Агенцијата јавно да се извини на колешката Костова.