ЗОШТО НА МАКЕДОНИЈА И Е ПОТРЕБНА ЕУ?! – Емил КРСТЕСКИ

Сподели

 

 

По осамостојувањето, Република Македонија ги користеше сите можни дипломатски шанси и начини да се промовира и да се етаблира како активен субјект во меѓународната заедница. Најнапред, на 8 април 1993 година таа стана членка на Обединетите нации и на повеќе други меѓународни организации и институции, а во ноември 1995 година стана полноправна земја-членка на Советот на Европа, а неколку месеци потоа и на Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ).

Македонија уште од самиот почеток на независноста ја нагласува својата проевропска определба и од тој период, практично, ја има дефинирано својата стратешка надворешно-политичка цел и ориентација, а тоа е припадност и зачленување во Европската унија и НАТО, и се определува за прифаќање и почитување на западните демократски вредности и нормативи.

Европската унија е нешто повеќе од обична економска групација. Таа претставува збир на вредности, односно групација од држави и граѓани што споделуваат соодветни убедувања и правила и живеат во согласност со нив. Македонија веќе има усвоено и синхронизирано поголем дел од европската легислатива, што значи дека се уште има простор и треба да се работи врз измените на некои политичко-економски и безбедносни регулативи во рамките на нашето општество заради приближување кон европските принципи и вредности.

Постојано сме и сведоци дека Европската унија се соочува и со помали или поголеми предизвици и кризи поврзани со економски и социјални прашања, со миграциските притисоци, со суштински прашања од областа на животната средина, како и од областа на безбедноста и справувањето со некои облици на меѓународниот тероризам и друго.

Како што е познато, политиката на проширувањето на Европската унија со нови земји-членки е актуелна и е дел од планот за севкупната иднина на Стариот континент. Да потсетиме дека во 2004 година се случи најголемото проширување на Унијата. Полноправни земји-членки станаа: Чешка, Полска, прибалтичките земји – Естонија, Летонија, Литванија, потоа Унгарија, Кипар, Малта, Словенија и Словачка, во 2007 година кон ЕУ се придружија Бугарија и Романија, а во 2013 година и Хрватска.

Секако дека со тој план и таквата политика се опфатени и другите земји од Балканот за кои во Брисел се смета дека имаат „европски капацитет и европска перспектива“. Тука, секако, спаѓа и Македонија, која последнава година направи значајни чекори кон приближувањето на Европската унија.

Во таа смисла, пред се, се мисли на подобрувањето на односите со соседите, особено со потпишувањето договор за пријателство и соработка со Бугарија, како и Преспанскиот договор потпишан со Грција, кој се смета за суштински при нашето приближување и зачленување во Унијата и во НАТО.

Со овој договор потпишан од страна на премиерите на Македонија и на Грција, практично е отстранета и можеби најголемата наша пречка на патот до Брисел. Со овој договор е изнајдена формула за регулирање на односите на двете земји и за непопречување на нашето европско интегрирање, кое што главно произлегуваше од употребата на нашето уставно име – Република Македонија, неприфатливо од страна на владата во Атина.

Овој спор, кој трае речиси 27 години и кој за повеќето светски и европски политичари и дипломати е ирационален, сега конечно  со овој Преспански договор верувам дека ќе се надмине, и тој треба кај нас да биде ставен на проверка на референдумот на 30 септември, а кој потоа треба да биде ратификуван и од страна на грчкиот Парламент. Со тоа најверојатно ќе се заокружи целата таа приказна и ќе биде амортизирано и досегашното противење на Атина за употребата на нашето уставно име и ќе се надмине нејзиното попречување за нашето евроинтегрирање.

Несомнено дека Македонија треба да биде дел од европското семејство на земји и народи со исполнување на критериумите за зачленување во Унијата, со почитување на европските демократски вредности и со креирање нов одржлив систем на односи што ќе придонесе за целосен успешен развој на нашата земја.

Македонија во декември 2005 година доби статус на земја-кандидат за членство во Унијата, а во 2008 година Советот на Европската унија го усвои Партнерството за пристапување на земјата во Унијата, за сега Брисел да го најави добивањето датум за отпочнување преговори со Унијата за наше полноправно членство, откако се потпиша Преспанскиот договор.

Кои се придобивките за Македонија од членството во Европската унија? Нив ги има повеќе, исто како што има и наши обврски спрема Унијата. Најнапред би споменал дека како полноправна земја-членка Македонија ќе биде дел од европското семејство кое споделува исти политички, економски и друг вид вредности, со што, пред се, се смета дека во Македонија би се намалиле политичките тензии и конфронтации и би се релаксирале меѓуетничките односи. Исто така е важно што за Македонија ќе се отвори пазар со  околу 500 милиони жители, ќе се надминат граничните бариери, ќе се отвори широк пазар на трудот и флуктуација на работната сила, ќе се отворат можности за користење грантови од европските финансиски фондови и соодветни поволни кредити за развој на земјата. И што е, исто така, многу важно – Македонија ќе биде активен субјект во сите значајни европски процеси и случувања – од донесување на заеднички одлуки на Унијата од областа на економијата, политиката, безбедноста, правната регулатива и почитувањето на човековите права, па се до актуелните еколошки прашања и проблеми.

На крајот посебно би го нагласил и безбедносниот елемент на надворешната и безбедносна политика на Европската унија, кој токму во овој период е многу битен, зашто станува збор за период кога се погласно се зборува и се почесто се пишува за поделби на држави и размени на државни територии во нашето непосредно соседство. И поради тоа треба да се потенцира значењето на нашето приближување и зачленување во Унијата и во НАТО, кои би биле цврста гаранција за зачувување на мирот и безбедноста во Македонија и во регионот.