Колумна Текстови

ЗОШТО НИ ИДЕ ДА ПЛАЧЕМЕ КО ДЕТЕ – Ерол РИЗАОВ

Сподели:

Кога го слушнав пратеникот Стевананџија како се обидува да го рецитира „Тешкото“ од големиот македонски деец Блаже Конески од собраниската говорница, прво што помислив е дека ова е врв на лицемерие, голем простотилак и ароганција, невидена дрскост, еден вмровец да ги злоупотребува антологиските стихови од творештво што задира во сржта на македонското битие. Не затоа што еден анџија рецитира како аџамија заради партиско-политички пресметки песна на сенароден мислител, таткото на литаратурниот јазик и голем поет, великанот Блаже Конески. Не затоа што „Тешкото“ стана лелек поради стравот од смената на јавниот обвинител Марко Зврлевски, заштитникот на криминалот во врвот на довчерашната власт. Туку, само затоа што со години приопштуваните навреди кон Конески, всушност не се против него лично, туку тоа е најголемата негација на македонскиот народ, идентитет и држава, а со тоа и на сите граѓани. Поголема навреда од тие што живеат на сметка на државата и на граѓаните, и што секој ден се удираат во гради и ја бранат Македонија од измислени непријатели, досега не сум чул, ни прочитал.

По сè  изгледа ќе се игра навистина тешкото на Стевананџија, а ќе се игра и пиперевка пред професионални и партиски неинфицирани обвинители и судии. Кога заврши анџијата со сквернавење на песната, си реков по ова навистина сите што ја сакаат својата татковина треба да седнат покрај Врадар и да плачат како деца, или конечно да станат на нозе и да ја отсранат таа шуга која ја обви целата земја во краста. Не знам дали има човек во државата, се разбира со здрав разум, кој кога ќе слушне како пратеник на ВМРО-ДПМНЕ го рецитира Блаже Конески во тој миг да не помисли на Антонијо Милошоски, кој го нарече основоположникот на современиот македонски јазик „џуџето од Небрегово“. Повеќе пати јавно прашувам кога ВМРО-ДПМНЕ и лично Милошоски ќе се извинат за оваа навреда на граѓаните на Македонија, за деградирање на  македонскиот јазик, азбука и на целото творештво и наука создавано со децении на тој јазик. Како може политичка партија да предупредува на опасноста  да се изгуби националниот идентитет и името на државата, а истовремено да го урива темелот на идентитетот, омаловажувајќи го баш од научен аспект грандиозното дело на човекот кој дал најголем придонес во кодификацијата на македонскиот современ јазик, Блаже Конески, чиј споменик одамна требаше да стои на централниот плоштад во главниот град на државата, како што е вообичаено во светот со личностите и творците кои ги задолжиле своите земји созадвајќи од разни дијалекти и говори современ национален јазик кој е комуникациски код на сите граѓани без оглед на нивната национална и верска припадност. Нема дете во тие земји кое оди на училиште, а да не знае како се вика создавачот на литературниот јазик.

ВМРО-ДПМНЕ и партискиот врв не преземаа ништо, ниту пак на било кој начин се оградија од апологетскиот додворувачки јавен настап и на извесен Чилиманов кој се преставуваше како новинар и кој на ужас на јавноста истата навреда ја искажа за основоположникот на современата македонска литература, поетот Коста Рацин. Чилиманов, одејќи по стапките на идеологот Милошоски ја израдува целата јавност со откритието дека Рацин е второто џуџе од Велес, кој ако не  загинел во НОБ, ќе станал комунистички диктатор. И оваа брука ден по ден во Македонија се покрива со заборав неказнето како да не е ништо страшно оркестираното плукање на најголемите национални величини кои се оснивачи на македонската современа национална држава. И човекот што го напиша првиот роман на Македонски јазик, писателот Славко Јаневски, кој во првиот национален дневен весник на македонски јазик, во првиот број на „Нова Македонија“ ја објави чудесната песна посветена токму на јазикот. Писателот Славко е откопан по наредба на ВМРО-ДПМНЕ од гробарите ангажирани во таканаречената комисија за лустрација кои мртов го ставија на стлобот на срамот без да му се даде шанса да се брани. Сироти и сиромашни по дух не знаат дека творештвото на Славко Јаневски е толку силно што не можат со ништо да му наштетат на творецот, туку самите себеси да се жигосаат како џелати за навек. Кога на живите не им се даде шанса за одбрана од партиските лустратори, кој би ги одбранил од режимот одамна починатите. Но ете, имало правда, макар и задоцнета,  пред судот уште за време на режимот паднаа сите пресуди на оваа партиска инквизиција.

Само за овие нарачани злосторства кон државата, кон националните велични и кон сите граѓани, ВМРО-ДПМНЕ  треба да се избрише од политичката карта на Македонија, која со груевизмот и со антицивилизациска, антиевропска и антимакедонска политика во текот на цели 11 години ги нанесе најголемите штети во историјата на Република Македонија од нејзиното основање од АСНОМ 1944 година до денес. Или ВМРО-ДПМНЕ ќе оди како експонат во музејот што го носи неговото име, или ќе се најде лидер и внатрешни сили кои ќе ја осовременат и ќе ја спасат партијата. Непристрасната историја вели дека ВМРО функционирала како вистински национелн водач само првите десет години по основањето во 1893,  односно до 1903 година. Сè после тоа е трагично истребување на сè што е македонско, напредно, учено  и паметно, на сè што води кон прогрес и самостојна држава.

Сподели: