НАМ НИ СЕ ПОТРЕБНИ ЛУЃЕ… – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Човекот на човек му е волк затоа што условите во кои се поволчил биле животински. Во нашите, македонски (а, попатно кажано и глобални) ѕверски услови, некои национал-фашистички лудаци се спремни да го запалат сопствениот покрив над глава, та затоа треба наша главна задача да биде политичката акција за припитомување на оѕвереноста на луѓето.

Александар Литовски

Припитомување до меѓучовечка взаемна подносливост и соработка. Значи, ако е човекот волк заради волчките околности во кои живее, тогаш сето што е расчовечено во човека, сето волчко и раздуховено нема да го очовечиме и одуховиме со површно пелтечење и непрестано незадоволство и јадосаност, туку со макотрпна просветителска работа и практична промоција на доблестите во политиката и воопшто во животот.

Нам не ни требаат луди одроденици и бескичмени интелектуалци кои во ова криминално време, повеќе од седумдесет години по оние наши славни државотворци од АСНОМ, имаат дилема: дали Македонија е држава и дали Македонците се нација? Нам не ни требаат ниту луди религиозни фундаменталисти, фашисти и националшовинисти кои во ова пропагандно излудено време, повеќе од двеста години по оние славни просветители од Франција, имаат дилема: дали вселената е природна или господова креација и дали “нашиот” народ води потекло од “амебите”. Впрочем, денес, повеќе од двеста години по Монтескје, Русо и Волтер, повеќе од сто и педесет години од Дарвин и околу сто години по Ленин, целосно се депласирани и неумесни некои прашања од типот: Дали Човекот има природно или боженско потекло? Дали власта има надземно потекло, или пак е дело човечко? Исто како што, петстотини години по Коперник, Галилео Галилеј и Џордано Бруно не заслужуваат ниту раска внимание религиозните догми и верувања за божјото потекло на вселената, дека земјата е рамна плоча, или дека сонцето се врти околу земјата. Сето тоа се прашања кои во реалноста ја загубиле смислата, прашања кои создаваат мрачна шашма од празноверства, предрасуди, религиозни глупости и лажни уверености, кои само го одвлекуваат вниманието од тоа дека се наоѓаме во навечерјето на големи империјалистички војни за светска доминација и заграбувања на туѓи природни ресурси.

Затоа, сега кога во нашата политичка крчма, огромна толпа од бесрамни и полуписмени профитери и антимакедонци, вреват и џумбусуваат со некакви дамнешни праисториско-врховистички канибалски тези, а тоа е “засилено” со антимакедонските хистерични врескања и уцени од соседна Бугарија, нам ни се неопходни високообразовани и чесни политичари, луѓе со непоколебливо чувство за македонска национална самоидентификација, државност и правичност, луѓе кои со луцидноста на својата скептичка и агностичка инспирација ќе извојуваат победа врз силите на средновековната затутуленост и врховистичко одродеништво. Нам ни се потребни доблесни и несебични политичари и луѓе кои ќе ѝ помогнат на Македонија да може да ги надвие сите оние темни сили што сакаат да ја одвлечат во мракот и во хаосот на дезинтеграцијата, слично на онаа черечење кои го вршеа во време на Балканските и Првата светска војна. Всушност, нам ни требаат слободни и доблесни субјекти, кои го сакаат Животот и Човекот, луѓе кои со право ќе го бараат своето сопствено политичко место на нашата политичка сцена и кои оттаму ќе отворат нова чесна и плодородна страница од нашиот општествено-економски и социјален живот.  

Нам ни се потребни луѓе какви што беа нашите партизански државовтемелувачи. А тоа беа претежно млади луѓе кои имаа скоевски и комунистички идеализам со неограничена верба во правдата и иднината, но и исклучивост и нетрпеливост кон неправдата и антимакедонизмот. Луѓе кои, секогаш и секаде, ја практикуваа и промовираа чесноста и правдољубивоста. Лојалноста и принципиелноста ја издигнаа на ниво на нескршлива верба. Тоа беа луѓе кои безмерно сакаа подобар, поправеден и похуман живот, го сакаа да го опредметнат правото на поединците и народите на целосна слобода и искрено, од дното на нивните души, беа убедени дека се борат за највисоките и најблагородните идеали на човештвото. Затоа, и бесконечно ги мразеа окупаторите и квислинзите, саботерите, измамниците, политикантите, петоколонашите, угнетувачите на луѓето и нациите. Тоа беа наши луѓе, за кои немаше средина и компромис кога се во прашање хуманите идеали и македонството. Луѓе кои, како што вели Оскар Давичо, “не очекуваа ништо за себе од Револуцијата”, но кои во борба за нејзината успешност, како што докажаа, беа подготвени да жртвуваат сè, па дури и најскапото, своите штотуку започнати животи. Тоа беа наши генерации од луѓе кои  јуришаа на нивното “парче небо” и успеваа да прескокнат многу нешта што, навидум, не можеле да се прескокнат.

Можеби ова што го кажувам може за некои денес да звучи прилично утопистички или патетично, но драги мои, можете да бидете сигурни дека сите зборови што ги кажувам во слава на македонските партизани се преслаби и пребледи за да ги покажат во вистинско светло оние кои безмерно гордо, безмерно смело и безмерно бестрашно навистина “јуришаа на небото” и – победија!

Значи, да привршам и заклучам, нам, денес, ни требаат луѓе, интелектуалци и политичари кои не се сомневаат во македонскиот национален идентитет и македонската национална држава. Онакви кои се чесни борци за доброто на сите граѓани на Македонија, а не меѓународни полтрони и криминалци кои ги интересира само нивниот личен интерес. Само со такви луѓе можиме да ја сочуваме македонската држави и да ја направиме пристојно и посакувано место за живот! Бидејќи, од дамнина се знае: carere patria intolerabile est!